Топло добредојде за првачињата во „Крсте Мисирков“

Со пригодна програма основното училиште „Крсте Мисирков“ им приреди топло добредојде на првачињата кои што од денеска се вклучуваат во образовниот процес. Новата учебна година стартуваше  за 130 првоодделенци запишани во „Крсте Мисирков“ , распоредени во пет паралелки во централното училиште и уште една паралелка во зградата на улицата „Тонко Димков“, информира директорот Александар Јовановиќ. Во своето обраќање пред првачињата и родителите во училишниот двор, директорот потенцираше дека првите денови во училиште се најважни во процесот на прилагодување на првачињата на образовниот процес, но исто така значајно е да ги научат правилата за добро однесување во училиште, да го чуваат и да се грижат за инвентарот, да ги почитуваат наставниците и останататите вработени во училиштето, а секако и  другарчињата. 

Освен по стартот на новата учебна година, месец септември за училиштето „Крсте Мисирков“  ќе биде значаен и заради имплементацијата на неколку проекти. Следната седмица, како што најави директорот Јовановиќ, ќе биде пуштен во употреба проектот насловен  „Паметна училишна градина за здрава  младина“ , градина која што е сместена во дворот на училиштето  до спортската сала. Проектот е добиен и поддржан од Фондот на иновации и  министерството за образование и наука.

-Вториот проект кој што ќе биде пуштен за две недели е насловен како „Смарт училница“ или „Паметна училница“  добиен од страна на Шварцарската амбасада поддржан од министерството за локална самоуправа и СИПР. Успеавме секоја училница да добие смарт табла за олеснување на наставниот процес и предавање на наставните содржини и гасеничар кој ќе биде за децата со посебни образовни потреби за искачување на вториот и третиот кат и не само за ученици со посебни образовни потреби туку и за некој повреден ученик да може да следи редовна настава и со тоа создаваме услови за инклузивна настава. На 24-ти  септември ќе биде одбележување 70 годишен јубилеј, регионална средба,  70 години учителство во Македонија и 70 години од излегувањето  на првите учители од Учителската школа Гоце Делчев – Штип , ќе биде одбележан токму во првото училиште на македонски јазик „Крсте Мисирков“, изјави Јовановиќ.

Свечен прием на првачиња утрово се организираше и во останатите основни училишта во градот.

Според податоците од Секторот за образование во Општина Куманово  , новата учебна година ја започнуваат 1.073 првачиња.

Коментари

коментар(и)