Здружението „Бадникови поворки“ информира дека и оваа година, на 6 јануари 2026 година, ќе се одржат Бадниковите поворки, како најголема народно-културна и духовна манифестација во земјава, посветена, како што велат, на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божиќ.
Годинава, Бадниковите поворки ќе се одржат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија.
„Во Куманово, со божиќната пештера во рацете и со празнична песна, група дечиња пеејќи ја каландата „Вечниот Бог“ утре во десет часот ќе тргнат од Соколанскиот парк, движејќи се по булеварот„ Трета Македонска ударна бригада“, улицата „Гоце Делчев“ кон градскиот плоштад , каде што е поставена божиќната пештера. Предвидена е културно -уметничка програма во траење од половина час пред пештерата, по што во Занаетчиски дом секое детенце ќе биде дарувано со пакетче“, изјави Ружица Денковска, од здружението „Бадникови поворки“.
Здружението на граѓани „Коледари“ по повод божиќните празници секоја година организира народен собир во Куманово, со цел да се одржат традиционалните обичаи на нашиот народ. Според најавата од чуварите на традицијата, собирот ќе започне во 10 часот во Касапски круг, во 11 часот се продолжува во црквата Свети Никола, а точно напладне програмата продолжува на градскиот плоштад каде што ќе се делат осветени бадникови гранчиња, чај, овошје и греана ракија, а ќе се игра и оро.
И месната заедница „Панче Пешев“ утре организира прослава на Бадник, кај локалитетот „Водовод- Нико- Ореов лад“. Предвидено е делење на лепчиња со паричка, богослужба од страна на свештени лица од црквата Свети Никола, празнична трпеза и музика.