Упис на „Свети Кирил и Методиј “ неделава

Во четврток и петок неделава ќе биде пријавувањето за упис во прва година во академската 2017/2018 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.

Според Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии за претстојната студиска година, слободни се вкупно 10.818 места. Од нив 5865 се за редовни студенти за кои годишната партиципација е 200 евра, 3793 места се за редовни со кофинансирање на студиите со 400 евра годишно и 1160 за вонредни студенти кои, исто така, плаќаат 400 евра. Новина во конкурсот е укинувањето на дисперзираните студии.

Оваа студиска година најмногу слободни места за запишување во прв семестар има на природно математичкиот факултет , вкупно 1.115 , по него следува филозофскиот со 1.095 места,а на трето место по број на слободни места е економскиот факулет со 1.050 места. На филолошкиот факултет може да се запишат 980 идни студенти, на факултетот за информатички науки  и компјутерско инженерство – 940, на факултетот  за електротехника и ниформациски технологии  –  650, на машинскиот – 640 на правниот -720 слободни места.  335 слободни позиции на градежниот факултет, на технолошко-металуршкиот факултет – 305 , на архитектонскиот 110 слободни места, а на шумарскиот факултет може да се запишат вкупно 110 студенти.

Кандидатите кои ќе го пропуштат првиот рок за пријавување оваа недела, може да се пријават во вториот рок на 4 септември, а на факултетите на кои ќе има слободни места третиот рок за пријавување за упис е на 15 септември.

Во конкурсот на УКИМ се наведени потребните документи и критериумите и условите за упис, меѓу кои е и положена државна матура.

Пред пријавувањето во роковите утврдени со Конкурсот, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира на upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава. Бројот којшто кандидатот автоматски го добил од системот за електронското пријавување треба да се внесе и во пријавата што се поднесува при пријавувањето за запишување. При пријавувањето за запишување на факултетите кандидатите поднесуваат : пријава за запишување (образец А1) ,  електронска пријава,  оригинални свидетелства од сите класови , документ за положена државна матура (оригинално свидетелство за завршено средно образование) ,  извод од матичната книга на родените , доказ за државјанство на РМ (уверение или решение) , потврда за уплатa со 300 денари на жиро-сметката на факултетот, за студиски програми за кои не се врши проверка на знаењата и умеењата, односно – 500 денари на жиро-сметката на факултетот, за студиски програми за кои се врши проверка на знаењата и умеењата по еден предмет – 1000 денари на жиро-сметката на факултетот, за студиски програми за кои се врши проверка на знаењата и умеењата по повеќе предмети на Архитектонскиот факултет, Факултетот за музичка уметност и Факултетот за ликовни уметности, односно 1500 денари на Факултетот за драмски уметности.

При запишувањето, примените кандидати поднесуваат: 1. индекс, студентска легитимација и пријавни листови 2. три фотографии ,  3. потврда за уплатени 750 денари за информативни, информатички, културни и спортски активности на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Коментари

коментар(и)