Михаела Домазетовиќ успешно го претстави пливачкиот клуб Тумба Куманово и кумановскиот спорт на 47. Охридски пливачки маратон, кој се одржа на втори август, објави клубот.
Според објавата, на престижната манифестација, која собрала повеќе од 80 пливачи од Македонија и странство, кумановката Михаела Домазетовиќ остварила одличен настап, освојувајќи го 11. место во генералниот пласман односно сите заедно, додека вкупно 6-та во женска конкуренција со време од 39 минути и 57 секунди на патеката долга 2,5 километри.
„Настапот на Михаела претставува уште една потврда за нејзината посветеност, упорност и континуиран напредок, како и доказ за квалитетната работа во ПК Тумба од Куманово. Конкуренцијата беше исклучително силна, а учеството на еден од најреномираните пливачки маратони во државата е значајно искуство и дополнителен мотив за идните предизвици на нашиот член. Како клуб, ѝ честитаме на Михаела за одличниот резултат и и посакуваме уште многу успешни настапи, лични рекорди и нови спортски достигнувања. Горди сме што имаме спортистка која со својата работа, дисциплина и посветеност достојно го претставува нашиот клуб и градот Куманово на големите спортски настани“, велат од ПК Тумба.
Фотографија: ФБ Пливачки клуб Тумба