Утревечер премиера на претставата „Аудиенција“

Новата сезона на претстави во кумановскиот театар започнува со „Аудиенција“ која премиерно ќе се одигра утревечер на малата сцена. Станува збор за апсурдна драма, дело на Вацлав Хавел напишано на крајот од дваесетиот век. Претставата ја играт актерите Чедомир Митевски и Горан Илиќ. Режисер е Мирослав Петковиќ, актер и магистар по театарска режија, а ова е неговиот прв официјален проект. Темата на претставата е проблемот со кој се соочуваат интелектуалците во општеството, а според режисерот сеуште е актуелен и во денешно време.

– Се зборува за двајца луѓе кои треба да направат разговор во четири очи, а тука се наметнува проблемот во 21 век што може да се направи разговор во четири очи но мора да има минимум пет души. На голема жалост на општеството овој проблем повторно се наметнува. Во тој преиод на прашка пролет кога сите интелектуалци се малтретирани на интелегентен начин се повторува и циркулира низ времето и никако неможе да најде вентил за да тоа време си замине, вели Мирослав Петковиќ, режисер на „Аудиенција“.

Претставата досега била изведувана  по кафулињата низ Куманово и Скопје,  а за прв пат како готов производ е донесена на театарската сцена. Актерот Горан Илиќ освен оваа најави и други претстави со млада екипа на актери.

 – Тоа за мене беше предизвик бидејќи доаѓаш во контакт со млади луѓе кои имаат нови филозофии, нови погледи на живот и јас реков зошто не јас ќе им дадам искуство, а тие мене ќе ми дадат една енергија, вели актерот Горан Илиќ.

Актерот Чедомир Митевски е студент на факултетот за драмски уметности, а претставата е неговото прво искуство кое  му овозможило соработка со  поискусни актери.

– Ја почнавме претставата и се беше едно прекрасно патување полно со искуство и со нови идеи, како всушност треба да се движи театарот и тоа никогаш нема да го заборавам,ова е сепак мојата прва претстава, вели актерот Чедомир Митевски.

Од кумановскиот театар најавуваат дека е во подготовка репертоарот на претставите меѓу кои ќе се најдат и двата нови проекти поддржани од Министерството за култура. Претставата „Аудиенција“ пред кумановската публика ќе се одигра во вторник и среда со почеток во дваесет часот.

Коментари

коментар(и)