Утре ќе се одржи „Мајски салон 2021”

Во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, утре во 12 часот ќе се отвори клупската изложба на уметничка фотографија „Мајски салон 2021“. Организатор на изложбата е Фото Кино клубот „Козјак“ од Куманово, а изложбата содржи 21 фотографија.

По повод изложбата членовите на клубот ќе запишат:

“…Уметноста е продукт на културата, таа е вид на естетска комуникација помеѓу авторот и публиката, а нејзина главна цел е презентација на едно субјективно видување на постоењето. Пораката на уметничкото дело може да биде насликана, напишана, извајана, отсвирена, а може и да биде заробена во еден единствен момент фатен со скаменетото око на фото – апаратот.

Фотографијата истовремено е уметност, наука и практика, која ја има таа моќ да раскажува приказни преку боите, мигновените изрази на лицето и телото, пејсажите, движењата и емоциите фотографирани и ставени во рамка. Иако строго визуелна по дефиниција, нејзината порака се чита со сите сетила и допира до секоја емоција.

Една ваква уметничка презентација на светот гледан низ објектив, претставува и овогодинешната клубска изложба на Фото Кино Клубот КОЗЈАК, Мајски салон 2021. Публиката ќе има можност да види четириесетина фотографии, мигови од реалноста, специфичен вид на сведоштва за она што, низ уметничката перспектива на нашите членови, значи да се биде ОВДЕ и СЕГА. Оваа изложба има за цел да го презентира и надополни естетскиот сенс за уметничката фотографија, кој го гради нашиот клуб веќе половина век. Изложените дела се показател на сериозноста и посветеноста со која и пристапуваме на оваа уметност и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме кое го има ФКК Козјак. Оваа година се издвојува од останатите по тоа што истите ке бидат изложени на 21 пано во формат 100x70cm.

Посетителите на салонот ке имаат можност да бидат сведоци на фотографии изработени од страна на членовите на ФКК “Козјак”.

Покровители на изложбата се Министерство за култура и Општина Куманово, како и традиционално подржана од Народна техника, НУЦК Трајко Прокопиев и истата е под патронат на Фото Сојуз на Македонија. “

Изложбата ќе биде поставена до 24.06.2021.

Коментари

коментар(и)