Фестивалски вечери во Куманово до недела

Со синоќешната фестивалска вечер заврши Меѓународниот фолклорен фестивал „Куманово” кој се одржа на платото пред НУЦК „Трајко Прокопиев” – Куманово. На завршната трета вечер учествуваа фолклорни друштва од  Македонија (КУД „Панче Пешев”- Куманово и АКУД„Мирче Ацев” – Скопје), Србија (АДЗНМ „Гусле”), Романија (ФА „Соимусиани”), Полска (ФА „Мали Горзовиаци”) и Мексико (ФГ „Хочипилтзахуац”).

Претходната вечер фолклорните уметници гостуваа во Кратово, каде што имаа дефиле и сценски настап пред тамошната публика.

Шестиот по ред меѓународен фестивал, со пригоден говор го затвори претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска, при што заедно со претседателот на КУД „Панче Пешев”, Зоран Илиевски, им доделија благодарници и плакети на сите учесници на манифестацијата.

Настанот е организиран со поддршка на Општина Куманово и Министерството за култура и туризам на РСМ.

Фестивалските вечери во Куманово продолжуваат до недела.

Вечерва на градскиот плоштад кумановци ќе уживаат во музиката на „Тумба фест“ и „Кенга епике“, утревечер е 21-то издание на Меѓународниот тамбурашки фестивал, в сабота „Рома труба фест“, а во недела кумановското културно лето ќе заврши со хип-хоп музиката на фестивалот за млади  „Тумбсток“.