Викендов се одржа осмото издание на традиционалната улична трка за рекреативци „Born 2 Run“, во организација на Центарот за интеркултурен дијалог – ЦИД, во рамки на програмата на Младинскиот центар MultiКулти – Куманово, со поддршка на Општина Куманово.
Стартот беше означен на градскиот плоштад „Нова Југославија“, од каде учесниците ги започнаа своите тркачки предизвици на патеките од 3 и 10 километри низ централното градско подрачје. На свеченото отворање се обрати претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, која ја истакна важноста на здравиот и активен начин на живот, спортот како мотивација и неговата улога во поврзувањето на граѓаните од сите генерации. Настанот обедини бројни учесници и гости, претставници на општинската администрација, Советот на Општината, МВР – СВР Куманово, меѓународната и локалната заедница, граѓански здруженија и јавни институции.
Најуспешните учесници беа наградени со благодарници, награди и признанија за нивното учество и придонес во промоцијата на спортот и рекреацијата.