Четириесетина жалби до Советот за етика

37 претставки примила  Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите последниве шест месеци.  Поплаките најчесто се однесувале на ситуации во кои имало говор на омраза во медиумите против одредени групи во општеството на различна основа, етничка, верска, сексуална,  ситуации кога се поттикнува дискриминација, кога има клевета, навреда,  кога се открива идентитетот, особено на малолетни лица или пак станува збор за нарушување на приватноста. Ова меѓу другото беше речено на денешната дебата „Информирај и биди информиран за саморегулација во Македонија “  организирана  од Советот за етика во медиумите.

-Што се однесува до подносителите, на почетокот од функционирањето  на Комисијата за жалби најмногу добивавме жалби од новинарите и од медиумите, меѓутоа со тек на времето почна  полека да се менува , имаме добиено жалби сега и од здружение на граѓани, од професори, претставници на академската заедница, од кабинетот на претседателот на државата, од омбудсманот, веќе полека со самото осознавање на улогата и важноста од постоењето на советот за етика во медиумите ние имаме и повеќе различен спектар на подносители на претставки. Се надеваме дека тоа и ќе придонесе за подобрување на професионалноста во медиумите, – изјави Марина Тунева, директорка на Извршната канцеларија на СЕММ

Доколку некој сака да поднесе жалба до Комисијата, тоа треба да го стори навреме, односно не подоцна од 30 дена од објавувањето на текстот или прилогот. Периодов,  од  Куманово нема поплаки до Комисијата за жалби.

Целта на Советот за етика во медиумите е преку дебатите да и се помогне на јавноста да се информира за професионалните и етичките стандарди во новинарството, да се создаде амбиент за самокритичност, самосвесност и отчетност на медиумите кон публиката, да се олесни пристапот на публиката кон медиумите, да се афирмира Кодексот на новинарите, да се намалат сите видови на цензура и самоцензура , како и да се намали бројот на тужбите за клевета против новинарите. Посебна одлика на работењето на Советот за етика е медијацијата,  односно посредувањето  меѓу засегнатите страни.

-Во таа фаза се случуваат многу важни работи, може да дојде извинување од самиот медиум, може да се отвори дополнителен  простор за консултација на засегнатата страна да го искаже своето размилсување, да се изнајдат нови аргументи, факти, кои што ќе покажат дали навистина станува збор за прекршување на професионалноста или пак дури и да се потврди дека станува збор за таква ситуација тогаш да реагира самиот медиум, целта  на Советот е да помогне во професионализација на работењето на медиумите, да им помогне на новинарите кои ни се многу важни партнери, партнери ни се и граѓаните бидејќи, тука воспоставуваме една директна релација самите да комуницираат меѓу себе за да си помогнат, изјави Тунева.

Во светот постојат 400 кодекси на новинарството кои што ги пропишуваат правилата. Целта на саморегулацијатра  е новинарите самите да одлучат за професионализмот, вели Сефер Тахири од Комисијата за жалби .

Коментари

коментар(и)