Ќе проработи Центар за ран детски развој

Првиот приватен Центар за ран детски развој во Куманово денеска го доби решението за отпочнување со работа. Од вкупно 15, ова е трет приватен центар во државава кој е наменет за децата од предучилишна возраст , а за дел од вработените ќе бидат искористени  поволностите на владините мерки за вработување, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

– Особено е битно да се спомене  дека многу голем број од овие приватни субјекти ги користат мерките за вработување како што токму тука ќе се отворат 4 работни места од кои 3 ќе бидат преку мерките за вработување кои што ги нудиме преку Агенцијата за вработување, што и дополнително влијае за намалување на невработеност на општините во РМ, изјави Диме Спасов, министер за труд и социјална политика

Центрите за ран детски развој  вршат згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст и ги спроведуваат програмските активности од програмата за рано учење и развој за децата  од 3 до 6 години. Центарот во Куманово ќе згрижува 60 деца, поделени во 4 групи, а ќе започне со работа за околу еден месец, вели сопственичката Викторија Соларска.

-Првиот приватен Центар за ран детски развој ќе работи од 08 часот до 20 часот. Со нив ќе работи стручен тим , изјави Викторија Соларска, сопственичка на приватен Центар за ран детски  развој.

Според надлежните, потребата за ваквите центри произлегува од се поголемиот опфат на децата во градинките и центрите. Ако во 2006-та година биле опфатени 11.600 деца  на оваа возраст, годинава бројката изнесува 27.200 деца. Министерот Спасов нагласи дека Владата  ќе продолжи  да го поддржува приватниот сектор со цел да се зголеми бројот на Центрите за ран детски развој, но и на приватните детски градинки.

Коментари

коментар(и)