25 повредени Бугари кај Опила

Скршеници на клучна коска, на ребра, на пршлени на рбетниот столб и на рамо се повредите со кои се здобиле четворицата бугарски државјани најтешко повредени при синоќешното превртување на бугарскиот автобус  на магистралниот пат Куманово- Крива Паланка, кај селото Опила. Сите се надвор од животна опасност .Во сообраќајната несреќа полесно се повредени 21 лице, имаат набиеници по телото од различен интензитет, но по укажаната лекарска помош пуштени се на домашно лекување, велат надлежните.  Бугарските професори  од економското училиште во Софија биле во еднодневна посета на своите колеги во Охрид. На враќање им се расипал  автобусот во Скопје каде што бил испратен друг автобус  да ги земе и да ги однесе дома. Но петнаесетина  километри пред Крива Паланка автобусот излетал десно,  надвор од патот, удрил во дрво и се превртел. Вистинско чудо е што нема жртви. Ставот го делат и патниците и лекарите. Повредените ги посетил и амбасадорот на Р.Бугарија во Македонија.

-Кај 4-та пациентка е констатирана скршеница на зглоб на рамо која бара оперативен зафат,  но не се работи за потреба од итна хируршка интервенција.Донесена е заедничка одлука со амбасадорот на Р. Бугарија пациентите да се транспортираат во Софија,  изјави Др.Грозде Спасовски, раководител на Итна медицинска помош

Автобусот паднал во приватен имот близу куќата на 80 годишната Јагода Тодоровска. Таа тврди дека синоќа ништо не слушнале, со сопругот си легнале пред 21 часот. Дури утрово дознале за несреќата.

-Луѓе доаѓаат многу, полиција имаше цело сабајле, дојдоа ме прашаа за отштета, но јас им кажав луѓето ссе живи и здрави а отштета од таква работа не ми треба иако падна  во наше место , изјави  Јагода Тодоровска, очевидец

-Се слушна нешто несекојдневно, невообичаено, нешто бучно, работа на мотори,  излегов надвор, пожарните веќе беа стигнати, имаше ротациони светла, изјави Стојан Алексовски, очевидец

Бугарските професори се благодарни и на екипите на итна медицинска помош која речиси цела ноќ ги превезувала со две возила во болницата, но и на мештаните кои со свои приватни возила помагале во транспорт на повредените. Во автобусот имало 43 патници. Според полицијата, до сообраќајката дошло кога 47 годишниот возач од Бугарија  изгубил контрола  и автобусот се превртел.

Коментари

коментар(и)