76 -годишнината од ослободувањето на Куманово и 501 година од постоењето на градот денеска беа одбележани со свечена седница на Општина Куманово во центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Пред присутните, во името на Советот се обратија советници -претставници на различни етнички заедници потенцирајќи дека Куманово е и ќе остане пример за мултиетнички соживот.
„За да се избориме за нови успеси и да го сочуваме колективното здравје, потребно е само сите граѓани да ги почитуваат пропишаните мерки“, посочија советниците, Самет Салиевски, Томица Илиќ и Наиле Османи.
Реализираните проекти на локалната самоуправа, но и позначајните средби на градоначалникот Максим Димитриевски со претставници на повеќе држави, амбасади, ЕУ, значајните политички фактори во државава и странство, Меморандуми за соработка и имплементираните заеднички проекти, присутните можеа да ги проследат преку видео презентација. Меѓу останатото, беше посочено дека Куманово е отчетна, транспарентна и финансиски деблокирана општина која сериозно вложува во инфраструктурата и образованието, во водоводната и канализационата мрежа, во асфалтирање и тампонирање на локални патни правци, инвестиции во осветлувањето, во спортските објекти.
„Како нација сме спремни да покажеме отпор кога некој сака да ни ја земе слободата, ништо лесно не ни дошло во животот, сме се бореле за се. 455 борци и 350 цивили излегоа во првите редови и ги дадоа своите животи за да живееме слободно денеска. А, денес, 76 години од првата победа, Куманово се соочува со нова борба, во која борците сме сите ние – граѓаните. Денеска битката ја водиме против непријателот на нашето колективно здравје, вирусот ковид 19“ , рече во своето обарќање на свечената седница, градоначалникот Максим Димитриевски.
– Ако во далечната 1944-та година хероите беа борците на НОБ, оние кои ја донесоа среќата на лицата на граѓаните на Куманово, денес херои се здравствените работници, кои неизмерно и со голема количина на посветеност, професионалност ја извршуваат работата помагајќи на заболените од Ковид. Тие во оваа битка го носат најтешкиот товар на своите плеќи, тие се хероите во кои сега сите гледаме надеж, херои се и пожарникарите, и полициските и армиските припадници, работниците од комуналните претпријатија, здравствените работници, просветните, вработените во супермаркетите, херои сме сите ние кои покажуваме одговорност во овие тешки моменти, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово
Градоначалникот Димитриевски и претседателот на Комисијата за одбележување на празници и манифестации Сашо Милковкси денеска ги доделија Ноемвриските награди за оваа година на Јадранка Стаменковска – лекар специјалист, епидемиолог, раководител на Одделението за епидемиолошка дејност при Центарот за јавно здравје Куманово и член на Штабот за заштита и спасување на Општина Куманово, Александар Трифуновски – лекар, специјалист, хирург урoлог вработен во Универзитетската клиника за урологија Скопје, Али Далипи – лекар специјалист, офтамолог, началник на Одделот за очни болести при Општа болница Куманово, Азис Бајрами – лекар специјалист инфектолог, вработен на Инфективното одделение при Општа болница.
Од правните лица добитници на Ноемвриска награда се јавната здравствена установа Општа болница Куманово и Телевизија Плус за објективно, професионално и навремено повеќегодишно информирање на граѓаните.
Во име на наградените, се обрати директорката на Општа болница Куманово, Снежана Захариева, која рече дека од битката со невидливиот непријател, мора да излеземе како победници.
– 2020 –та ќе ја паметиме по пандемијата, се е во знакот на борба против непријателот, животот се смени од корен, сите ние даваме секој на свој начин придонес за справување од пандемијата, ние сме дел од овој град кој не потклекнува пред ниту еден непријател, рече Снежана Захариева, директор на Општа болница Куманово
Признанија и благодарници беа посветени и на физички и правни лица, кои што на било каков начин преку својот работен ангажман дале придонес за развојот и афирмацијата на Куманово, Здравствен дом Куманово, Слободан Ковачевски, градоначалникот на Гњилане, Фериз Дервиши и Петар Николовски.
Свеченоста беше збогатена со културно -уметничка програма со настап на познати музички имиња од нашиот град.
На седницата по повод 76 години од ослободувањето и 501 година од постоењето на Куманово присуствуваа членови на Сојузот на борци, вицепремиерот Љупчо Николовски, градоначалникот на Општина Гњилане, претставници на АРМ, МВР, советници.