Четврта жртва од страотната сообраќајна несреќа кај Бедињски мост

Почина и четвртото момче Зијадин И. од селото Опае кое беше повредено во тешката сообраќајна несреќа која се случи на автопатот Куманово-Табановце на 9 јуни кога автомобилот БМВ слета од надвозникот на автопатот, а на него налета цистерна. Седумнаесет годишниот Зијадин тогаш беше тешко повреден и пресен во болницата во Скопје. Во несреќата неговите врсници и сопатници од патничкото моторно возило Ваљон М. и Егзон Ш.  од Куманово починаа на лице место, а  осумнаесет годишниот Исаф А.  од Липково бил пренесен во Кумановската болница каде им подлегнал на повредите.

Страотната сообраќајна несреќа се случи во попладневните часови кога од непознати причини автомобилот БМВ кој бил управуван од Ваљон М. додека се движел по улицата 11 Ноември, од населбата Бедиње кон центарот на градот изгубил контрола и удрил во заштитната ограда. Автомобилот слетал на коловозот и удрил во цистерна која се движела по автопатот. Товарното возило изгубило контрола на движењето ја пробило заштитната ограда и се превртело на спротивната лента на автопатот. Четириесет и пет годишниот возач на цистерната М.Т поминал со полесни повреди.

Се поголем број млади лица особено во летниот период  се жртви или повредени во сообраќајните несреќи што се случуваат на улиците во Куманово. Во изминативе денови зголемен е бројот на сообраќајните несреќи, ова го потврдуваат  докторите од итната медицинска помош при здравствениот дом во Куманово. Експертите, пак,  посочуваат дека непријатните настани со трагични последици се резултат на  повеќе фактори.

-Главно е тука младешкиот дух, желбата за авантури, за докажување која особено испливува на површина овој период кога се послободни, кога се поактивни заедно во комбинација со отсуство на родителска контрола. Најчесто се тоа лица со повисок социо-економски статус, некогаш тоа е гарнирано со присуство на алкохол, тоа е за жал комбинација односно лоша формула за вакви непријатни настани кои однесоа млади жртви, изјави доц.д-р. Маријан Младеновски, универзитетски професор.

-Навистина овие денови имаше зголемен број на сообраќајни несреќи, со зголемен број на жртви на ниво на Куманово. Најчесто се тоа млади лица кои имаат силни автомобили, така да, несоодветна брзина и неискуство на возачите, доведе до загуба на животи на млади лица, вели Валентина Тодоровска – Трајковска, доктор во итна медицинска помош Куманово.

Возачите треба сериозно да ги сфатат предупредувањата на надлежните и во летниот период да се придржуваат до сообраќајните правила. На тој начин би се избегнале несаканите последици и сообраќајниот хаос во градот.

Коментари

коментар(и)