Живот без струја и пари

Четиричлено семејство од селото Старо Нагоричане четири месеци е без струја во својот дом.  40 годишната Виолета Додевска е самохрана мајка со три малолетни деца. Свеќата е единствениот извор на светлина кај нив во вечерните часови. Причината за исклучувањето била заостанат долг од околу 3.000 евра кон ЕВН.

-Груевски пола долгот ми го отпиша, уште 1.400 евра имам долг, ми рекоа во ЕВН 1.000 евра да внесам за 3 дена и уште 400 евра, јас ги немам тие пари, сега сум во темница, самохрана мајка сум со три малолетни деца, децата одат на училиште, не сакаат веќе ниту да одат од срам, немаат на што да учат, а ако не одат казните се големи, изјави Виолета Додевска, социјален случај

Освен за струја, Додевска должи и за потрошена вода, но и за станарина која треба да ја плати на јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор бидејќи последниве 7 години живее во еден од становите кои ова претпријатие ги дава под закуп  во општината Старо Нагоричане.  Виолета сака,но неможе да ги подмири долговите бидејќи поради здравствени проблеми не може да се вработи. Подолго време е социјален случај. Семејството месецот го преживува само со паричната помош која ја добива од центарот за социјална работа.

-2.200 денари е социјалната помош, ништо со тие пари, за вода имам  4.000 денари долг, ќе дојдат водата да ја исклучат, струјата ми е насобрана, немам пари да платам , катастрофа што да ви кажам, јас сум многу болна, имам и докази ќе видиме, имам дископатија на вратот, секој ден сум по болници, под лекарства, ме подготвуваат за операција, страв ми е да одам, не сум способна, се тресам, се занесувам, по метар ипол на страна, се повеќе лежам на кревет, изјави Додевска.

Виолета апелира до сите хумани граѓани и надлежни институции да и помогнат без разлика дали станува збор за парична или материјална помош. За нејзиното семејство секоја помош е добредојдена со оглед на тоа што за десетина дена ќе стартува новата учебна година, а нејзините деца сакаат да тргнат на училиште како и сите други ученици со нова облека, чевли и чанти.

Коментари

коментар(и)