Здружението „Инклузива“ од Куманово регистирало нерегуларности, но и попречување и оневозможување на гласачкото право за лицата со попреченост на локалните избори. Според претседателката на здружението за промоција и развој на инклузивно општество, Благица Димитровска, на ниво на државата, но и во Куманово, имало повеќе пријави во однос на материјалите за гласање, сликовитите прикази за процесот на гласање и граничници.
-Само во неколку градови во земјава беа поставени, во другите воопшто ги немаше, што беше повеќе од потребно за оваа категорија. Имавме пријава од Охрид дека жена која има телесна попреченост односно десната рака не и функционира не и било дозволено отисокот од прст да го стави со лева рака, така што со десната морала да се мачи за да си го оствари своето право на глас. Имаше пријави од семејства кои имаат член со одземена деловна способност што не им беше јасно како да го впишат членот во избирачкиот список, но до следниот круг ние ќе се информираме и за таквите работи ќе ги информираме, Благица Димитровска, претседател на здружението „Инклузива“
Од „Инклузива“ се надеваат дека во вториот изборен круг потребните материјали навремено ќе бидат доставени до општинските изборни комисии од ДИК.
-Ние се обративме и до ОИК, но материјалите не беа пристигнати до нив. Не беше проблемот до избирачките одбори како до сега, туку од магацините од ДИК не се пристигнати до општинските изборни комисии. Во нашата канцеларија преку телефон, на имејл и на пораки пристигнаа околу 68 пријави за материјалите дека ги нема кои се за поддршка на оваа категорија
И на овие избори непристапноста на гласачките места повторно се јави како проблем за лицата со попреченост. На денот на изборите до канцеларијата на „Инклузива“ пристигнале 46 пријави за непристапноста, потенцира Димитровска.
