„Куманово било, е и ќе продолжи да биде општина на сите нејзини граѓани, без разлика на етничката, политичката или каква било друга различност.
Во следниот мандат ќе креираме инклузивна веб-страница на Општината за лицата со попреченост да имаат пристап до информации, модернизација и
редовно ажурирање на сите информации од јавен интерес. Мораме да бидеме вистински сервис на граѓаните и затоа следува засилена двонасочна комуникација на Општината преку социјалните медиуми со граѓаните, каде граѓаните секојдневно ќе следат и ќе се информираат за сите активности, проекти и сите настани на локално ниво.
Нашиот план е одржување на прес-конференции за новинари со отчет за работењето на Општината и јавните служби. На овој начин, граѓаните ќе бидат запознаени и ќе ги имаат во увид сите информации кои се важни за процесот на работа на општината. Навремената информација е клучна за градење доверба со граѓаните и поради тоа продолжуваме со информирање на граѓаните за секоја значајна активност на локално ниво.
Во проектите предвидуваме издавање на Општински весник со реализирани активности, проекти и актуелни случувања и Општински гласник.
Ќе организираме разни форуми на јавни средби и ќе воспоставиме двонасочна комуникација со граѓаните
Во наредните четири години имаме за цел да отвориме канцеларија, Инфо центар која ќе значи услуга на едно место во рамки на општината. Тука, граѓаните ќе ги добиваат сите потребни информации кои се во надлежност на локалната власт.
Следува и организирање на отворени денови со граѓаните, панел дискусии, младински форуми за младите да можат да ги кажат своите идеи“ , рече на денешната прес-конференција, Стефан Петковски, кандидат за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“.