(ВИДЕО)Костовски: Нема да го продадете СДСМ за сметка на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на општинската организација на СДСМ Мартин Костовски пред ветераните и основачите на СДСМ Куманово ги повика граѓаните во недела да го поддржат кандидатот за градоначалник Оливер Илиевски. На прес-конференцијата присуствуваа основачите на СДСМ Куманово, поранешни и сегашни членови, вршители на јавни функции.

Костовски истакна дека овие луѓе го граделе Куманово и дека СДСМ Куманово опстојува од 1991 година и 30 години се бори за градот, за просперитет, за вистински вредности. Социјалдемократите не се претставуваат лажно, додаде, туку секогаш се тука за граѓаните, дури и во најтешките моменти. Тој посочи дека СДСМ не ги дели граѓаните ниту по една основа.

– Граѓаните не ги делиме ниту по една основа, ниту ги манипулираме со ширење лаги и невистини, како што тоа некој сака да го претстави во јавноста. Транспарентно и отчетно ги примаме сите ваши пофалби и критики. Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Тони Михајловски, за првиот круг јавно кажа дека од партијата не добил никаква поддршка, дека членовите на ВМРО ДПМНЕ го поддржаа Максим Димитриевски. Вториот круг Димитриевски доби поддршка од ВМРО ДПМНЕ и јавно за неколку секунди се заблагодари и ја прифати таа понуда. Низ Куманово со денови се зборува дека Димитриевски веќе го поделил колачот со ВМРО ДПМНЕ, ветувајќи им вработувања, директорски места во ЈП, образование, јавните установи, доколку ја добие таа поддршка, рече Костовски.

Костовски кажа дека веќе нема дилема и нагласи дека глас за Максим Димитриевски е глас за ВМРО- ДПМНЕ.

– Програмата, Максим ја нарече лист хартија, листа на желби, а стави вредност на меморандумот со 30 проценти вработувања со Алијанса на Албанците и Алтернатива. СДСМ Куманово нема да дозволи нелегални договори со локални поединци со кои рече се пресметуваат гласовите на граѓаните, предизборно се делат работни места и функции. Таквите договори, кажа Костовски ќе бидат доставени како доказ во Државната Комисија за спречување корупција и во други органи. Упатуваме порака до ,,лажниот социјалдемократ” и тие како него дека во Куманово не поминува лицемерието. Нема да го продадете СДСМ за сметка на ВМРО ДПМНЕ. Нема да дозволиме влечење за уши на денот на изборите, нема да го дозволиме режимот во Куманово. Ќе се бориме за нашиот град, за дома, за нашите семејства, за нашите соседи, за сите граѓани и во недела да покажеме дека социјалдемократијата е света и дека со неа нема калкулирање, рече Костовски.

„Во недела да покажеме дека социјалдемократијата е света и дека со неа нема калкулирање“, потенцираше Костовски.