(ВИДЕО) Улична атлетска трка во централното градско подрачје

Над триста ученици од основните и средните училишта во градот и кумановско денеска учествуваа во уличната атлетска трка „11 Ноември“. Традиционалниот спортски настан е во организација на Општинскиот сојуз на спортови, Сојузот на училишниот спорт на Куманово и Атлетскиот клуб. Дипломите на најдобрите им ги додели градоначалникот Максим Димитриевски.

-Кога ќе се видат позитивно расположени деца, ученици, најмлади, секако дека сме задоволни. Најпрвин би сакал да се заблагодарам на Општинскиот сојуз на спортови, на Училишниот спорт Куманово и на сите учесници во трката, имавме навистина прекрасни натпреварувачи кои што заслужено ги однесоа сите места и добија дипломи за тоа. На сите граѓани им го честитам Денот на градот и во оваа прилика  да ги повикам сите вечерва да го проследат културно-музичкиот настан од меѓународен карактер и огнометот подготвен за вечерва, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Младите учесници се натпреваруваа во три категории во машка и женска конкуренција. Прво место од средните училишта освои Дијана Вукановиќ , ученичка во гимназијата „Гоце Делчев“, во машка конкуренција Дарио Василевски од „Наце Буѓони“, изјави Ивица Ѓорѓиевски, Сојуз на училиштен спорт Куманово

Активностите по повод Денот на градот продолжуваат и утре со полагање цвеќе на Спомен костурница во 11 часот и свечена академија на Советот на општината напладне во центарот за култура „Трајко Прокопиев“.