(ВИДЕО) Ревија на носии на Ансамбл Македонија

Во НУЦК  „Трајко Прокопиев“ денеска се одржа Ревија на носии од Шопскo-брегалничка етнографска целина која го зафаќа источниот дел на Македонија. Организаторот Ансамбл Македонија претставува репрезент на македонската традиционална култура при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Со ансамблот кој е единствен од ваков тип во државата, раководат професионалци и стручен кадар од областа на традиционалната игра, традиционалните инструменти и пеење. Репертоарот е категоризиран според орските и музичките стилски карактеристики обработувајќи сценски адаптации од сите играорни подрачја во Македонија.

Денешната ревија започна со настапот на Симона Петрушевска, ученичка во гимназијата „Гоце Делчев“, под менторство на професорот Филип Петровски, по што следуваа неколку музички изведби на традиционални ора, сценска адаптација од етничкиот предел Средорек, Жеглигово и Славиште и машко двогласно пеење од етничкиот предел Огражден. Присутните имаа можност да ги проследат носиите за невеста и за млада невеста од различни етнички предели во Македонија, но и носијата за девојка од Пијанец.

Проектот е поддржан од министерството за култура,  а се реализира по повод 40 години постоење на НУЦК „Трајко Прокопиев“ и Денот на ослободувањето на Куманово, 11 -ти Ноември.