Затворениот олимписки базен до крајот на ноември ќе биде ставен во пробна функција. Целосната имплементација на проектот Градски базен со комерцијални содржини е во завршна фаза, како и изработката на партерното уредување околу базенот. Градоначалникот Зоран Дамајновски најавува и изградба на мал аква парк со градина и други придружни објекти, а целокупниот простор ќе биде пуштен во употреба во мај идната година.
-Се местат машинските делови, клима коморите, затоплувањето, донесени се и палионици за гас, наместени се сончеви колектори, ќе биде поставено подно затоплување, остануваат некои завршни работи, санитарии, а влезната партија е комерцијален дел кој е во големина од околу 2500 метри квадратни површина дело кој е предвиден за спортски хотел со спа центар, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово
За комерцијалниот дел ќе биде објавен оглас за избор на концесионер или евентуално купувач со што се претпоставува дека повеќе од 50 проценти ќе бидат вратени средствата за изградба на базенот, смета Дамјановски. Инвестицијата е 150 милиони денари, исклучиво на општината, а партерното уредување е посебен проект за кој ќе бидат издвоени дополнителни средства од буџетот.
Затворениот базен најмногу ќе биде посетен од младата популација, а децата кои со години тренираат пливање на олимпискиот базен во Скопје ќе имаат прилика да ги намалат трошоците за превоз.
-Затворениот пливачки базен многу ќе значи за младите бидејќи немаме голем олимписки базен, одамна стариот базен во Куманово не работи, има многу луѓе кои сакаат да се занимаваат со пливање и одат на тренинзи во Скопје, пливањето за младите значи многу односно развивање на нивното тело, базенот одамна требаше да проработи, да се надеваме дека ќе профункционира да има младите каде да спортуваат, изјави анкетиран кумановец
-Со пливање се занимавав речиси една година, а на часови одев во Скопје. Отворањето на базенот ќе има многу придобивки за младите, нема да имаат потреба да патуваат во Скопје, изјави граѓанин
-Тренирав пливање 4 години, со професорот од гимназија одев на олимписки базен секоја сабота и недела, јас уживав во пливањето, многу ми помогна во самодовербата, го препорачувам на сите млади, мислам дека ова е многу убава шанса за младите да спортуваат да уживаат малку повеќе , да се запознаат себе си и да имаат поголема самодоверба, изјави анкетирана кумановка
Во гимназијата „Гоце Делчев“ пливањето е застапено како изборна проектна активност.
– Со пливањето се ангажираат повеќе групи на мускули што значи дека е одличен за развој од најмладата возраст па дури до најстарата возраст од популацијата. Ограничени сме со услови и моравме децата да ги водиме во Скопје, бевме поврзани со превоз. Сега со отворање нови услови ќе можат сите ученици да одат на пливање, бидејќи многу влијае на развојот на децата, со отворањето на базенот ќе се отворат услови за еден нов спорт, нова гранка, како за пливање така и за ватерполо, изјави Александар Јовановиќ, професор по спорт и спортски активности
Според градоначалникот, со затворениот базен ќе стопанисува едно од јавните претпријатија во градот, а општината планира во развојната програма за 2016-та година да вклучи субвенционирање на определени спортови во насока да сите основни и средни училишта имаат задолжително практикување на пливачки спортови.