(ВИДЕО) Ивана Ѓорѓиевска – нов претседател на Советот на општина Куманово

Ивана Ѓорѓиевска од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ e новата претседателка на Советот на општина Куманово со одлука донесена од мнозинството на денешната конститутивна седница. Ѓорѓиевска доби поддршка од советниците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, БЕСА и Левица.

„Чест е да се биде претседател на Советот во најголемата општина бидејќи тоа е можност да се даде придонес за подобар живот на граѓаните. Ние советниците ќе го оправдаме секој добиен глас и ќе покажеме дека сме со граѓаните, не само во предизборната трка, туку дека сме нивни претставници“, порача Ѓорѓиевска од говорницата.

За нов претседател на Советот, Ѓорѓиевска беше предложена од Комисијата за мандатни прашања со четири гласови „за“ и еден „против“.

„Ивана Ѓорѓиевска ќе ја има целата наша поддршка додека функцијата ја извршува чесно и транспарентно, согласно законската регулатива, статутот и деловникот на Советот, додека има слух за унапредување на работата на Советот“, истакна, меѓу останатото, Елена Доцевска – Божиновска, советничка од коалицијата на ВМРО -ДПМНЕ.

-Ивана Ѓорѓиевска ќе ја има нашата поддршка додека посветено работи на отстранување на сите аномалии и воспоставени лоши пракси во минатото за да можеме како нов состав по четири години да застанеме најсовесно пред граѓаните и да кажеме дека сме ја оправдале довербата што ни ја дале, рече Елена Доцевска – Божиновска, советник ВМРО-ДПМНЕ

Против предлогот Ѓорѓиевска да стане претседател на Советот беше коалицијата на СДСМ. Досегашната претседателка на Советот, Атина Мургашанска смета дека како победничка советничка листа на изборите, коалицијата предводена од СДСМ треба да раководи со Советот.

– Сметаме дека како советничка листа и сега избрани советници кои освоија најмногу гласови на последните избори и се победничка советничка група сметаме дека го заслужуваме и да го опрвдаме легитимитетот и следејќи ја определбата на гласачите дека ја дадоа поддршката на СДСМ дека и во тој дух требаше да оди конститутирање на советот, доколку сите застанаа на своите ставови и идеологии со кои настапија пред гласачите, тогаш ќе бше поразличен изборот. Ќе биде забележано во историјата на локалното владеење дека за прв пат ќе биде избран претседател наводен социјалдемократ кој цело време во кампањата заедно со своите колеги наводни социјалдемократи ги доедоа во заблуда гласачите и граѓаните дека ги застапуваат интересите на социјалдемократијата, а сега се симнаа маските, рече Атина Мургашанска, советник СДСМ и претходна претседателка на Советот

Денешната седница ја водеше највозрасниот член на новиот состав на Советот, советничката Јадранка Стаменковска од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“. Беа избрани претседатели и членови на комисиите за верификациони прашања, за мандатни прашања, за финансирање и буџет и за комунални дејности.

По верификувањето на мандатите на новите советници, градоначалникот Максим Димитриевски им порача сите заедно да носат одлуки во интерес на граѓаните, без оглед на нивната политичка, идеолошка, верска или етничка различност.

– Верувам дека овој состав ќе покаже висок капацитет во делот на она што значи одлучување во јавниот интерес и интересот на граѓаните на нашата општина без разлика на нашат политичка, идеолошка, верска или етничка различност, сепак сите ние во прв план припаѓаме на овој град, се имаме родено тука, делуваме и живееме во нашиот град и наш заеднички интерес е Куманово. Посакувам успех на сите полиња, рече Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово

Димитриевски се заблагодари и на претходниот состав на Советот, со кој како што рече, имале успешна и плодна соработка, реализирале многу заеднички проекти и верува дека тој пример ќе користи да продолжат таму каде што застанале.