Да се отвори сервис за жртвите на секаков вид насилство кој што ќе функционира во рамките на општина Куманово, да се направи регистратор за евиденција на жртвите на семејно насилство, да се продлабочи соработката меѓу граѓанските организации, надлежните институции и засегнатите граѓани отворено да зборуваат за проблемите со кои се соочуваат, а не да ги кријат сторителите, се дел од пораките упатени од синоќешната трибина „Невидливата страна на насилството“, организирана во рамките на Националната кампања „16 дена активизам против родово базинаро насилство“, од здружението „Биди своја“, а во соработка со Советот на општината, граѓански организации и надлежни институции за оваа проблематика. Тема на трибината беше „Психичкото насилство“.
-Ќе ги опфатиме сите институции кои работат на оваа проблематика се со цел да поттикнеме односно да ја активираме свеста кај населението дека психичкото насилсвто е постојано присутно, но меѓутоа ретко кој станува свесен дека е жртва на психичко насилство. Обично дојавите се кога станува збор за физичко или сексулано насилство, но меѓутоа во истиот момент самата жртва е жртва и на психичко насилство. Се надеваме дека со оваа трибина ќе ја поттикнеме на некој начин, ќе ја анимираме јавноста дека ни е потребен еден сервис кој што функционално ќе работи во рамките на општината и всушност ќе врши квалитетна проследеност на информациите кои што доаѓаат од Центарот за социјална работа, од СВР Куманово и од самите граѓани и граѓански организации. Ќе се направи еден регистратор во кој што ќе бидат евидентирани тие жртви на семејно насилство и на сите други видови на насилство и понатаму ќе се проследуваат до институциите со цел да им биде дадена соодветна помош, изјави Оливера Трајковска, Здружение „Биди своја“.

„Насилството реално е насекаде околу нас, но советниците и институциите заедно треба да направат стратегија за борба против овој горлив проблем“ смета претседелката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.
– Насилство постои и раѓа насилство, насилство постои меѓу врсниците, постои во браковите, постои секаде околу нас. Наша работа е, како советници како претседателка на Совет да се заложам ова насилство некако да се стави во рамки да имаат каде да се пожалат и каде да побараат поткрепа жртвите на насилство. Денешната дебата ќе биде само еден почеток, не дека порано немало дебати и дека немало напори да се справат советниците и институциите со насилство, меѓутоа еден почеток да се направи една стратегија за борба против насилство и ја давам целосно мојата поддршка како претседател, а и како член на новиот состав на Совет да се реши еден ваков горлив проблем, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово
„Заеднички мора да се избориме да создадеме подобри услови и поголема вклученост на институциите со цел секоја жртва на насилство да биде заштитена“, порачува советничката Невена Величковска.
-Велат дека зборот е најмоќното оружје, но чувствата се најтемната страна. Заеднички треба да изградиме систем кој што ќе овозможи еднаков третман и заштита на сите инволвирани во овој процес. Не е лесно да се зборува на оваа тема, животот е борба и заеднички мора да се избориме да направиме подобри услови и поголема вклученост на сите институции и секоја жртва да биде заштитена. Ни претстои голем период каде што сите заедно ќе мора да работиме во однос на оваа тема, да ја кренеме свеста за ова прашање, да направиме едукација на нашите граѓани во општина Куманово, во Македонија со еден вид на кампања, многу активности и вклученост на сите институции. Се надевам дека реално сите институции ќе се вклучат во оваа борба и заеднички ќе извојуваме победа, изјави Невена Величковска, советник ВМРО-ДПМНЕ
Во рамките на Националната кампања „ 16 денови активизам“, здружението „Биди своја“ заедно со советничките и граѓанските здруженија, неодамна симболично засадија 16 портокалови хризантеми во центарот на градот.

