Градоначалникот Максим Димитриевски на денешната средба со германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн најави можно проширување на капацитетите на компанијата Дрекслермаер и вработување на дополнителни 2.000 кумановци во наредните две години. Димитриевски посочува дека приоритет за општина Куманово е локалниот економски развој и развојот на индустриската зона Новини и Речица.
-Разговаравме на повеќе отворени теми. Најпрвин соработката на општина Куманово со амбасадата е на исклучително високо ниво и ја користам приликата да се заблагодарам за последната донација која што ја добивме во време на корона кризата на градската болница. Денеска потврдивме дека таа соработка ќе продолжи. Заедно денеска ќе го посетиме погонот на „Дрекслермаер“ во Куманово, а воедно во оваа прилика сакам да најавам дека веќе како општина сме во разговори со менаџментот на оваа компанија „Дрекслермаер“ за отворање на дополнителен капацитет во кој што би имале можност во следниот период од две години да се вработат повеќе од 2.000 наши сограѓани. Приоритетот за општина Куманово и мене како градоначалник е да се развива локалната економија, да се дадат еднакви можности за инвестиции како на странските така и на домашните инвеститори, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово
И Амбасадорката Холштајн ја посочува одличната соработка со општината и потенцира дека не е случајност што германската компанија „Дрекслермаер“ го има избрано Куманово како втора своја локација во Македонија. Првата фабрика се наоѓа во близина на Кавадарци.
-Минатата недела имавме организиран еден многу интересен настан во организација на билатералната германско-македонска стопанска комора и нашите две германски фондации кои што се со различна политичка определба, меѓутоа настан кој што всушност покажува дека политичката обоеност кога станува збор за суштински прашања воопшто не би требало да игра никаква улога. На овој настан без поканети градоначалници и претставници од стопанството и целта беше да се промовира заедничка соработка. Градоначалникот Димитриевски зеде учество како панелист на овој настан и тој нагласи дека тоа е првпат настан со политичките фондации кои што разговараа за економски теми, а тоа е всушност погрешно. На општините им е потребна економијата, таа може да функционира само доколку добро функционираат општините, изјави Анке Холштајн, амбасадор на Сојузна Република Германија во Македонија.
Димитриевски и Холштајн на крајот на средбата си разменија пригодни подароци.
