Градоначалникот и амбасадорката ја посетија „Дрекслмајер“

Амбасадорката на Сојузна република Германија Анке Холштајн и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски ја посетија компанијата Дрекслмајер, како германска инвестиција во земјата чија втора фабрика започна да функционира во април 2021 година.

Според амбасадорката новата Дрекслмајер фабрика во Куманово поставува уште повисоки стандарди коишто ќе треба да ги следат и останатите фабрики во земјата и регионот, така што ќе се создаде поголема конкурентност во насока на понатамошни развојни подобрувања.

„Фокусот кон вработените, развојните стратегии и поддршката што ја добива заедницата се неколку клучни фактори коишто ја прават една инвестиција стабилна, а во истовреме и привлечна како работодавач“, потенцираше амбасадорката Холштајн.

„Јас сум навистина импресиониран од она што имав можност да го слушнам, но и од она што можев да го видам во самата фабрика. Драго ми е што Куманово доби ваква капитална инвестиција која ќе донесе нови работни места, но и поголем економски развој на регионот“, вели Максим  Димитриевски, градоначалник на Куманово.

Директорот на Дрекслмајер Македонија, Лукас Мирингер потенцираше дека во фабриката во Куманово важат истите меѓународни стандарди како и во останатите Дрекслмајер локации низ светот.

Дрекслмајер, неодамна им подари компјутерска опрема и таблети на учениците од неколку училишта во Куманово и кумановскиот регион.