Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи до надлежното ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против двајца државјани на Пакистан, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“, информираат од МВР.
-Имено, на 22 месецов, по преземени мерки и активности на автопатот Куманово – Табановце, во напуштени објекти во село Горно Којнаре, кумановско, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал пронашле 40 лица – мигранти од Индија, Сирија, Пакистан, Мароко и Турција. Меѓу лицата три се малолетни, информира МВР.
Исто така, при преземањето мерки било утврдено дека двајцата пакистанци кои биле дел од групата, ја организирале групата и за финансиски надомест на лицата требало да им организираат илегален премин на македонско-грчката граница.
Во текот на денот приведените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, додека, останатите лица се сместени во Прифатен центар, соопштија од министерството.