11 пациенти позитивни на ковид -19 и тројца со хепатит се хоспитализирани на инфективното одделение во Куманово, а модуларната болница е затворена пред новогодишните празници, информираа денеска надлежните. На сите оддели деновиве е регистрирано благо зголемување на бројот на прегледите, најмногу на одделите за интерни и детски болести.
-Стабилна е состојбата и ќе посакам да продолжи што поголем временски период, се надевам дека нема да има нагли скокови иако заради празничните дружби секако дека ќе има ковид позитивни пациенти, но и со друга респираторна патологија. Да не се лажеме во 2020 и 2021 имавме огромни бројки на пациенти, ако 2020 имавме околу 900 хоспитализирани на инфективно, 2021 ја завршивме со 2.200 хоспитализации. И оние кои што не беа хоспитализирани не беа во мала бројка околу 8.500 регистрира Центарот за јавно здравје , а во 2020 околу 4.000 и нешто, изјави Снежана Захариева, Општа болница Куманово
За разлика од некои претходни месеци кога бројот на прегледите само на ковид пациентите се движеше и до 100, деновиве бројката оди најмногу до четириесетина прегледи, но освен ковид, сега има и друга патологија, посочуваат од болницата.
