Сообраќајниците ќе ги обележуваат јавни претпријатија

Неизвесно е обележувањето на улиците во градот. По два пропаднати тендери за добивање изведувач, следното хоризонтално обележување на сообраќајниците најверојатно ќе го врши јавното претпријатие „ Водовод“. Ова денеска го најави градоначалникот Зоран Дамјановски истакнувајќи дека веќе се подготвува развојната програма за комуналното претпријатие која треба да биде усвоена до крајот на месецов, по што ќе започне имплементацијата.

 

– Во однос на хоризонталната сигнализација имаме еден период каде во две постапки не добивме изведувач што беше нешто чудно за мене во овој период меѓутоа ние сега правиме развојна програма на јавното претпријатие Водовод и другите јавни претпријатија во која развојна програма ќе ја вклучиме и хоризонталната сигнализација, се надевам дека ќе биде прифатено од јавното претпријатие ќе биде усвоено и на тој начин преку програма ќе биде многу едноставно да си набават потребни инструменти за да отпочне со хоризонтално обележување на улиците односно со стекнување на поволни услови за такво нешто, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

 

Дамјановски се надева дека во иднина редовно ќе биде обновувана сигнализацијата на улиците. Досега вообичаено тоа се правеше на секои две години.

 

-Трпението на граѓаните можеби ќе биде уште неколку месеци, меѓутоа од тука натаму ќе ги отвориме со програма широко можностите да не имаме вакви пречки како што имавме со отворање на постапка за јавна набавка и неадекватни одговори на изведувачите, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

 

Во меѓувреме, граѓаните се загрижени за својата безбедност како пешаци, но и како возачи поради  избледените пешачки премини и линии кои што го обележуваат правецот на движење на возилата.

 

Инаку, тендерот кој беше распишан за тековно одржување и реконструкција на патната инфраструктура е во завршна фаза, односно се трошат последните количини наменети за крпење и реконструкција на улиците. Општината подготвува постапка за нов тендер чија имплементација ќе зависи од временските услови, велат надлежните.

За разлика од локалните патишта, регионалните веќе се обележани од надлежните служби во јавното претпријатие за државни патишта.

 

 

Коментари

коментар(и)