ВИДЕО: Ковачевски: Да бидеме и денес на вистинската страна, напредокот!
„11-ти Октомври е голем симбол и силен потсетник за македонската државност. 11-ти Октомври не задолжи сите нас да продолжиме по вистинскиот пат, да не се откажуваме од македонската историја, нашите национални вредности, од сопствениот идентитет и јазик, но во исто време со силен интензитет да продолжиме да се бориме за подобар живот на нашите граѓани и силен развој и напредок на државата“. Ова е една од пораките на градоначалникот Максим Димитриевски упатени од вчерашната централна манифестација за одбележување на Денот на народното востание, што се одржа на Спомен костурницата во Куманово.
– Денес оддаваме големо признание на Карпош, Шабани, Менков, Нацева и останатите борци кои со својата храброст, достоинство и сопствена жртва ни го трасираа патот кон самостојна држава, но и ни покажаа како се сака, цени и бори за сопствената држава. Денес оддаваме почит на сите учесници во НОБ, кои ни покажаа како треба да ја чуваме, вреднуваме, и како треба да ја уважуваме нашата Македонија. Денес, кога во Македонија како печурки никнуваат клубови, спонзорирани од други држави, кои ги носат имињата на тогашните соработници и партнери на фашизмот, ќе го цитирам првиот македонски претседател, г-динот Киро Глигоров „Македонија е сè што имаме!“. Сите ние доаѓаме и заминуваме, но Македонија останува. Но, од оваа генерација на политичари зависи каква Македонија ќе имаме, со какво уредување и на каков пат ќе ја оставиме на идните поколенија. Да работиме посветено и неуморно во обезбедувањето на поквалитетен живот, заеднички да се грижиме за историјата, за државноста, а секој 11-ти Октомври да биде горделив празник, носејќи паметни и исправни заеднички одлуки. 11-ти Октомври е нашиот светол ден и таков и ќе остане! Борбен, револуционерен и слободарски!, рече Димитриевски.

„Постоиме благодарениe на 11-октомвриското победничко востание и АСНОМ. Да бидеме и денес на вистинската страна, напредокот! Tоа што го правиме ние денес, одредува каде ќе бидат нашите деца и нашата држава – утре!“, порача од Куманово, претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
-Да се продолжи по патот на слободата и мирот, да се избере да се продолжи по патот на евроинтеграциите, до полноправно членство во ЕУ, денес значи да се биде на вистинската страна! Како Македонци и како граѓани во нашата мултиетничка држава, седиме рамноправно на европската маса. Ја имаме шансата да осигураме европски животен стандард и развој според европските вредност. Ни треба сигурноста во европското семејство, и посебно во глобалните заложби да се сочуваат мирот и просперитетот. Ова е битката на денешните генерации и заедно, ќе ја добиеме! , рече Ковачевски.
Централната манифестација за одбележување на 11-ти Октомври започна со положување цвеќе пред Спомен костурницата во Куманово од страна на владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, претставници од Собранието, Кабинетот на претседателот на државата, Министерството за одбрана, општина Куманово, Сојузот на борци, дипломатскиот кор.