ВИДЕО: Со воена свеченост одбележан Денот на Командата за операции

Во кумановската касарна „Боро Менков“ денеска припадниците на Командата за операции (КО) со воена свеченост го одбележаа Денот на единицата. Честитајќи го денот на единицата, пред присутните на свеченоста се обратија началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на Командата за операции, бригаден генерал, Бесник Емини.

„ Во името на сите гости и во свое лично име ви го честитам денот на Командата за операции. Со очекување и надеж дека ќе продолжите и во периодот што претстои, исто како и досега да ги извршувате максимално професионално и квалитетно вашите секојдневни задачи“, рече Ѓурчиновски.

– Не се сомневаме, веруваме во вас и очекуваме сите цели да бидат исполнети во периодот што следи, рече Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот

„Нашата амбиција е да евалуираме и да се приспособуваме, со цел успешно пресретнување на новите предизвици и закани“, рече командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, посочувајќи дека  денешната свеченост на главниот столб на Армијата се случува во период кога армијата одбележува 30 години од формирањето, јубилеј на подем и раст.

-Нашите структури, нашиот концепт, нашата доктрина на војување и нашите внатрешни процеси во армијата се оптимизираат, со цел да се постигне максимална ефикасност во процесот на трансформација и интегрирање на силите во структурните и оперативните планови на НАТО. На национален план продолжуваме со вложување напори за стекнување кохезија меѓу единиците и командите и понатамошно интегрирање со националните и регионалните институции, со цел поефикасно пресретнување и справување со национални ризици и закани од невоен карактер, рече Емини.

„Во овие бурни и предизвикувачи времиња, единството и солидарноста се клучни. Затоа, нашиот клучен приоритет мора да ни биде одржувањето на борбената готовност“, дополни Емини.

-И како дел од најголемиот и најдолгиот сојуз во светот, НАТО алијансата, да се подготвуваме и со предвидлив, конзистентен начин да придонесеме за мирот и безбедноста во светот, рече Емини.

Емини го честиташе денот и на припадниците им посака посветено да продолжат во изградбата на едницата како цврст колектив кој е подготвен да се соочи со сите предизвици.

Во рамки на свеченоста од страна на военото раководство беа наградени и пофалени повеќемина припадници на Командата за операции за остварените резултати во работењето.

На одбележувањето на Денот на единицата присуствуваа и заменик на министерот за одбрана Башким Хасани, претставници од Генералштабот, од кабинетот на претседателот, генералите во Армијата, поранешни команданти, претставници на СИБРИГ, претставници од министерството за одбрана и генералштабот и претставници од локалната самоуправа и институции со кои соработува командата.

За Ден на Kомандата за операции е определен 17 октомври, како еден од значајните историски настани врз кои се темелат традициите во Армијата, кога во 1887 година во селото Кресна е формиран штабот на македонско-кресненското востание кој е воедно и ден кога е кренато востанието.