Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го достави Планот за поголема достапност на советниците и отвореност на Советот кон граѓаните на Куманово до претседателот на Советот, до советниците и до секретарот на општината. Координаторката на советничката група, Елена Доцевска-Божиновска вели дека Планот е изработен пред се, заради потребата од нови стандарди во комуникацијата на советниците со граѓаните кои што треба да бидат достапни, посветени и непосредни советници кои ќе покажат интерес за сите проблеми и нивно решавање. Доколку добие зелено светло од надлежните, првата фаза од Планот би почнала да се имплементира од јануари следната година. Редовни средби со таргет групи, активирање и промовирање на е-Совет, редовни посети од советниците на месни и урбани заедници се само дел од активностите предвидени во првата фаза.
-Сметаме дека сите ресурси кои што им се ставени на располагање на советниците од општина Куманово треба да бидат ставени во функција на извршување на нивната функција. Кога го кажувам тоа сметам дека телефоните кои што ги плаќа општината, претплатата што ја плаќа за советниците за службените телефони, тие се службени, но не се објавени и достапни за граѓаните. Сметаме дека телефонските броеви треба да бидат јавни и достапни до секој граѓанин, сметаме и предлагаме активни мејлови на советниците да бидат достапни до јавноста и до сограѓаните, редовни средби со таргет групи во зависност од тоа кои актуелни прашања ги имаме тој месец за решавање на дневен ред на некоја од седниците, во смисла средби со таксистите, со пензионерите, угостители, спортисти, а со цел како засегнати страни да ги слушнеме и нивните укажувања и забелешки во однос на прашањето што го решаваме. Предлагаме материјалите кои што сега за седница ги добиваме само ние советниците и не се достапни до граѓани и до вас медиумите дека е сериозен пропуст и проблем и предлагаме материјалите да бидат достапни на официјалната страница на општината како би можел секој да има пристап, доколку има предлог, сугестија пред да пристапиме до одлучување и решавање по тие прашања да има можност да ни укаже. Предлагаме и т.н. Мој советник, тоа би било шестмесечна статистичка анализа која што ќе укаже на активностите на секој советник и таа анализа би била објавена на официјалниот сајт на општината како и достапна до медиумите се со цел да се поттикне поголема активност и посветеност на советниците, изјави Елена Доцевска- Божиновска, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата

Доцевска -Божиновска посочува дека втората фаза би се имплементирала доколку обезбедат средства од организации кои што работат на проекти за поголема транспарентност и зајакнување на демократскиот капацитет на институциите.
– Втората фаза опфаќа односно предлагаме да бидат снимани и да има пренос и од комисии односно од седници на комисии, да не биде како сега само од седница на Совет бидејќи на многу голем дел од комисиите се води многу пожестока и многу поплодна дебата, а тоа не е видливо за нашите сограѓани. Во втората фаза предвидуваме и воведување на одделение за истражување и анализа за потребите на советниците, во изминатите месеци тоа се виде како неопходност, предлагаме воведување на одделение кое што ќе биде за соработка со ЗЕЛС и со советите на другите општини, а со цел размена на искуства по значајни и актуелни прашања и предлагаме отварање на канцеларија за контакт на граѓаните со советниците каде што ќе можат да дојдат, да запишеме нивни проблеми итн. Остануваме како советничка група отворени за сите сугестии, за сите предлози. Сметаме дека советникот не е и не треба да биде само гласачко тело, дека советникот е гласот на сограѓаните, дека е претставник и заштитник на нивните интереси, така треба и да делува и сметаме дека кумановци заслужуваат безусловно достапни, посветени и непосредни советници, изјави Доцевска- Божиновска.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ очекува што поскора координација на која што би се дебатирало за планот, но и негово прифаќање од сите советнички групи и имплементирање.
