617 мигранти „заглавени“ на Табановце

617 мигранти од Авганистан се сместени во Транзитниот центар Табановце затоа што не можат да ја минат границата. Веќе три дена српската гранична полиција не им дозволува влез на нивна територија . Од вчера и во Македонија се пропуштаат  само мигрантите кои што потекнуваат од Сирија и Ирак, кои покрај официјалниот документ, мора да имаат и пасош или лична карта, пренесуваат медиумите. Авганистанците се во тампон зоната на границата меѓу Македонија и Грција.  И раководителот на Транзитниот центар, Горан Стојановски  потврдува дека синоќа пристигнал  еден воз на Табановце со околу 750 државјани на Ирак и Сирија. По краткотрајна пауза, сите заминале кон соседна Србија. Авганистанци немало.

-Нема некое официјално образложение зошто е тоа така, неофицијално, практично во Шид се заглавени доста Авганистанци бегалци, имено Р.Хрватска не врши прием на таквите бегалци од тоа подрачје. Да нагласам дека мошне изненадувачки беше онаа исполнувањето на договорот на земјите од Балканската рута и неговата имплементација уште од утредента , несфатливо на некој начин, мене лично несфатливо, сепак постојат органи и тела на Владата на РМ кои ова прашање секако ќе го разгледуваат и ќе донесат соодветни одлуки и заклучоци и понатамошни  решенија кои ние сме должни овде на терен да ги спроведуваме, изјави Горан Стојановски, раководител на Транзитен центар Табановце

Мигрантите  се згрижени во центарот,  сега за сега имаат доволно храна, облека, ќебиња, медицинска помош. Доколку има потреба дел од објектите може да се пренаменат  и со дополнителна опрема  да се адаптираат за неколкудневен престој на мигрантите во Табановце, вели Стојановски, но потенцирајќи дека сепак станува збор за Транзитен, а не за Прифатен центар.

-Немаме официјални податоци до кога ова ќе трае и како ќе се заврши, така што се уште нема некоја голема доза на агресивност , психичка нестабилност, разочарување , постои во одреден дел, но сето тоа се нормализира , изјави Стојановски.

-Не сме задоволни од одлуката на Србија, бараме да имаме еднаков третман како Сиријците и Ирачаните.Се надеваме дека овој проблем наскоро ќе се реши , а ние ќе си го продолжиме патот кон саканите земји во ЕУ, изјави мигрант од Авганистан

Транзитниот центар Табановце располага со простор за сместување на околу  1000 бегалци.

Коментари

коментар(и)