ВИДЕО: Гимназијата го одбележа 151 -от роденден на Гоце Делчев

Под засилена полициска безбедност денеска во Куманово беше одбележана 151-та годишнина од раѓањето на великанот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев. Пред бистата на патронот на гимназијата „Гоце Делчев“ цвеќе положија претставници на училиштето, на општинскиот одбор на Сојузот на борци, Здружението на армиски и полициски ветерани, Општината, Советот, политички партии, невладини организации, граѓани. Учениците и членовите на училишниот оркестар и хор „Симфониум“ говореа и пееја за ликот и делото на Делчев.

–Денеска за нас е навистина многу значаен ден, го одбележавме раѓањето на нашиот патрон Гоце Делчев за кој што се гордееме што како училиште го носиме неговото име. Секогаш се водиме од неговата мисла и се бориме на сите полиња да бидеме најуспешни. Благодарност голема до нашите ученици кои што и за оваа пригода денеска се организираа за да ги покажат своите способности во творештвото, во делот на поезијата кои што се претставија со своја лична творба напишана во чест на нашиот патрон Гоце Делчев, но исто така голема благодарност до професорот Филип Петровски кој што направи еден многу убав аранжман со неговиот оркестар и хор „Симфониум“ – Песна за Гоце, изјави Марија Тодоровска, директор на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“

Гоце Делчев е роден на 4-ти февруари 1872 година во Кукуш.  Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Бил учител во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО, а до 1901 година бил задграничен претставник во Софија. Тој е убиен од турската војска на 04-ти мај во 1903 година во селото Баница. Гоце Делчев бил идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.