ВИДЕО: Билетите за „Денови на комедија“ во продажба од петок

Билетите за 26-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ ќе бидат пуштени во продажба в петок на 22 септември на билетарницата на Центарот за култура. „Он-лајн продажба не е воведена поради високите банкарски провизии кои значително би ја зголемиле  цената на билетот“, информираше директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Сашо Тодоровски на прес-конференцијата по повод новото издание на фестивалот кој и годинава е со натпреварувачки карактер.

-Остануваме на воспоставениот принцип на работа-во последните неколку години не се даваат гратис карти, не се примаат резервации и се продаваат карти по принципот прв дојден прв услужен. Од минатата годинава го ограничиме бројот на 2 карти, значи секој ќе може да купи само билет за себе и еден придружник“. Наградите за најдобра претстава, најдобра женска и машка улога, потоа најдобра сценографија, костимографија и најдобра режија ќе бидат доделени на 15 октомври, после прикажувањето на претставата „Обвинителка“, која веќе се прикажуваше пред кумановската публика и е надвор од фестивалската конкуренција“, рече Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“

Од вкупно 11 претстави од театрите од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија, 10 ќе влезат во трката за награди додека претставата што ќе го затвори фестивалот на 15 октомври е „Обвинителка“ и ќе биде надвор од конкуренцијата. Фестивалот ќе го отвори Театар Велес со претставата „Синиот портокал“ на 27 септември со почеток во 20 часот.

Инаку, годинава наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарска уметност, посебно во делот на комедиографијата ја доби актерот Коле Ангеловски( роден 1943 г. ) и стана лауреат на 26-издание на „Денови на комедија“ во Куманово.

Цената на билетот и годинава останува 200 денари. Сите претстави ќе започнуваат од 20 часот.

За  Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ од  Министерството за култура ова година  се обезбедени  600 илјади денари, а од Општина Куманово 250 илјади денари.

 

Коментари

коментар(и)