Мирослав Крстевски не го признава новото раководство на КУД „Панче Пешев“

Мирослав Крстевски кој од 1989 година е претседател на културно- уметничкото друштво Панче Пешев, а беше сменет на вонредно изборно собрание минатата седмица, денеска со демант на изјавата на новиот претседател Зоран Илиевски. Во реакцијата на Крстевски се вели:

-Во КУД „Панче Пешев“ членувам од рана младост и сум поминал многу убави, како и напорни моменти. Со текот на годините, преку напорна работа и желба за реализирање на ова поле, стекнав значително и богато искуство, така што во 1989 година бев назначен за застапник на друштвото од страна на членовите на одборот на СОФАМ.

Друштвото има независен режим на управување и служи за презентирање на нашиот изворен македонски фолклор. Цел и задача на членовите на друштвото е исполнување и почитување на  предвидените задачи  во рамките на неговата програма, што воедно помага во едуцирањето, градењето  на карактерот на членовите (особено помладите) и нивната истрајност во постигнување на заедничката цел.

Според Статутот на КУД „Панче Пешев“, членови на друштвото можат да бидат лица кои непрекинато работат и плаќаат членарина во друштвото. За членството да опстои, членовите треба да исполнуваат неколку општи и основни услови:

Да се однесуваат со почит, култура и редовно да ја плаќаат членарината.

Да не употребуваат политички задачи и цели во која било форма за време на членството во друштвото.

Да ги почитуваат организацијата и зборот на претседателот во рамките на сите зададени задачи и активности.

Да внимаваат на своето однесување во јавноста, особено за време на јавни настапи во државата и надвор од неа каде што не го претставуваат само КУД „Панче Пешев“, туку и градот и целата државата пред публиката.

За жал, многу од овие основни услови постојано се занемарени од одредени членови на друштвото и сум сведок на многу делби, оградувања и задгрбни активности против Управниот одбор (голем дел од нив на политичка основа). Покрај тоа, сведок сум и на недоволна почит кон предвидените задачи и кон мене лично од страна на одредени членови, како и недолично однесување за време на настапи во државата и надвор, што директно влијае на сликата што толко години се трудиме да ја изградиме за нас, за нашето друштво, за градот и за државата.

Би сакал да им укажам на сите што го направија овој чекор без мое знаење дека демократијата не значи безредие, задгрбна игра, самоволие и игнорирање на претпоставениот и непочитување на неговите одлуки, туку право на мислење и работење заедно кон решение поволно за сите, почитувајќи ги притоа општествените норми, како и оние пропишани со законот.

Горенаведените основни правила и норми, како и законот, мора да се почитуваат за друштвото да функционира како што е предвидено. Во спротивно, доколку се забележи нередовно плаќање на членарината и кршење на правилата од лични побуди и цели спротивни на друштвото, ќе следува исклучување од друштвото.

Од друга страна, со должна почит кон дел од играорците кои ги исполнуваат своите задачи, учествуваат на пробите и си ја плаќаат членарината, со задоволство ги охрабруваме да продолжат со трудот и работата, за да соработуваме успешно како и досега.

И за крај, КУД „Панче Пешев“ е олицетворение на култура, традиција, уметност, дружење и негување на нашите корени. Во никој случај не смее да значи политика, озборување, опструкции, неодговорност, самоволие и недолично однесување. Управниот одбор е должен да ги спроведува целите и правилата на друштвото и да ги отстрани сите членови што се однесуваат спротивно на визијата и целта на друштвото.

Точно е дека во друштвото имаше проблеми во работењето, и тоа вопoдготовките на одржувањето на 4.Меѓународен фолклорен фестивал. Меѓутоа, имашеопструкциии во организацијата и однекои луѓе кои беа задолжени и зедоа обврска за успешна организација на фестивалот, како и дел од родителите на некои членови на друштвото, а тоа го направија сѐ со цел фестивалот да не успее. И покрај опструкциите на поединци и групи, фестивалот успешно се изреализира.

За изјавата дека друштвото подолго време не функционирало, да потсетам на изјавителот дека:

Друштвото се подготвуваше и зеде учество во емисијата „Качамак“ и тоа меѓу првите ансамбли на ТВ Сител. Прикажувајќи го друштвото и Куманово во најдобро светло, на очиглед на целата македонска јавност. Со над 70 учесници.

Друштвото беше гостин на КУД „Коло“ од Бујановац, на јубилеот 70 години постоење на КУД „Коло“.

И покрај сите опструкции проблеми,особено од финансиска природа, беше успешно организиран 5. Меѓународен фолклорен фестивал „Куманово 2023“, на очиглед на целата кумановска и македонска јавност. А сето тоа е снимено на видеозапис од сите 3 дена, кои уште не се издадени од слични проблеми.

Како претседател, овозможив најстарото културно-уметничко друштво Панче Пешев од Куманово, кое за 2 години прославува 100 години постоење, да земе учество на најголемиот светски фолклорен фестивал во општина Бујукчекмеже во Инстанбул, Република Турција. На фестивалот зедоа учество над 33 ансамбли од 33 држави од сите континенти на светот, а КУД„ Панче Пешев“ ја претстави нашата држава и тоа по барање и настојувања да бидат учесници на овој голем фестивал. Ни беше особена чест што имавме можност да бидеме дел од овој најголем светски фолклорен фестивал.

Меѓутоа, опструкциите продолжија од поединци, а потоа и од сите членови инструирани од тие поединци, како и некои кои не беа на фестивалот во Турција од Куманово. И покрај сѐ, успешно ја претставивме нашата татковина, а за тоа има богата видео и друга документација. Оваа документација беше подготвена и доставена до Куманово на одредено лице кое ја води страницата на Фејсбук, самостојно, на КУД „Панче Пешев“. Меѓутоа, ништо од тој материјал не беше објавено од лицето, воопшто не објави ништо и не ги сподели информациитена КУД „Панче Пешев“ за учество на овој фестивал.

Беше договорено учество на фестивал во Неум, Босна и Херцеговина, меѓутоа менторите на опструкцијата на работата на КУД„Панче Пешев“, не дозволија да се учествува на фестивалот. Затоа морав да обезбедам друго културно уметничко друштво бидејќи зедовме обврска и не сакавме да се посрамотиме.

Беше договорено учество на фестивал во Крива Паланка „Св. Јоаким Осоговски“, и тука менторите не им дозволија на членовите да земат учество од неразбирливи причини. Меѓутоа, друштвото сепак настапи со зурли и тапани и настап на кумановското трио „Браќа Крстевски“.

Исто се случи и со поканата од страна на Министерството за внатрешни работи доставена до КУД„Панче Пешев“ да настапи со 10-минутна програма на јубилејот на „ЕБР“ и „Тигри“ што се одржи пред базенот во Куманово, но и тука поради опструкција на самите членови што ја опструираа оваа манифестација, моравме да настапиме со оркестар на зурли и тапани и Кумановското трио „Браќа Крстевски“.

Не ги пуштија дури и на настапот на саемот за храна што се одржа на истата локација, на која учествуваа земјите од Балканот и пошироко. И тука моравме да настапиме со иста програма.

И на крај лично поканети од претседателот на КУД „Коло“ од Бујановац за учество на нивниот фестивал Србија, со жалост моравме да ја одбиеме.

Со ова, организаторите на опструкцијата не се свесни дека тие им ја ускратија на членовите и подмладокот можноста за да можат она што го научиле – да го презентираат пред општината и надвор од градот и Републиката.

Заради тоа, ги информирав организаторите и потписниците на оваа барање дека најмалку треба да се инволвираат најмладите и децата во вакви валкани игри пред најавуваните избори во нашата држава и инструирани од политички побуди.

А што се однесува до одржување на Собрание, тоа ќе биде одржано согласно Статутот на друштвото и согласно Законот, а не со упад во просториите без информирање на Претседателот и другите членови на Извршниот одбор и одржување на нелегитимни собири со членови и родители на деца-членови под 15 години во КУД „Панче Пешев“.

Поради сите горенаведени причини, како Претседател, сметам дека овој чин што го направија е нелигитимен, недостоен и неморален.

Интегрално соопштение од Мирослав Крстевски.