Трибина „ Депресијата низ стиховите на Рупи Каур”

„Депресијата е тивка

нема да ја слушнеш кога доаѓа

и одеднаш таа е

најгласниот глас во твојата глава“.

Со овие стихови започна трибината „Депресијата низ стиховите на Рупи Каур”, која се одржа вчеравечер во просториите на Занаетчискиот дом во Куманово.

Оваа трибина претставува почеток на циклусот трибини насловени  „Поинаква психотерапија”, на коишто ќе се обработуваат теми поврзани со менталното здравје.

Во формат на неформална панел дискусија во врска со поезија, филм, проза и музика ќе се говори за психолошки теми и потешкотии.

Вчерашната трибина ја водеше Драгица Стаменковиќ, психолог и психотерапевт, која заедно со своите гости Наташа Пешевска, книжевник и култоролог и Сања Јовановска психолог и психотерапевт, читаа стихови од Рупи Каур и говореа за депресијата како состојба и литературата како ресурс во справување со психолошките потешкотии.

Трибината беше проследена со плодна дискусија и прашања од публиката, со што се потврди фактот дека недостасуваат повеќе настани од овој тип.