ВИДЕО: Бесплатниот јавен превоз продолжен до крајот на октомври
Бесплатниот јавен превоз продолжува и во наредните четири месеци. Советниците повторно излегоа в пресрет на кумановци и на вчерашната седница дадоа зелено светло на мерката за субвенциониран линиски превоз на територијата на општина Куманово, и за линиите утврдени со спогодбата меѓу Куманово и општина Старо Нагоричане.
„За јавниот превоз во Куманово од општинскиот буџет ќе бидат одвоени 20 милиони денари, а за меѓуопштинскиот линиски превоз дополнителни два милиони денари. Сите 26 линии се во комплетна функција, согласно возен ред, а одлуката ќе се применува од први јули“, информираат надлежните.
-Имаме две одлуки за субвенционирање на општински линиски превоз на патници на општина Куманово. Oд страна на Советот беше донесена одлука за шест месеци и беа предвидени 30 милиони денари, сега се предлага да се донесе за четири месеци уште 20 милиони. Заклучно до 31.10. 2024 година се предлага вкупно да биде 50 милиони денари. Втората предлог -одлука е за линии утврдени со спогодба помеѓу општините Куманово и Старо Нагоричане, од страна на Советот беше донесена за првите шест месеци беа предвидени 3 милиони, сега се предвидуваат уште нови 2 милиони, тоа е 5 милиони заклучно со 31.10. 2024. Предлог -одлуката е со идентичен број на поаѓања, доаѓања, се продолжува времето и средствата, рече Момчило Јовановски, раководител на Сектор за комунални работи
Куманово е прва општина во државата која воведе бесплатен јавен превоз за да им се помогне на граѓаните. Податоците говорат дека околу 18 000 граѓани дневно ја користат оваа мерка.
Кумановци се задоволни од новата одлука на Советот на општината. Сметаат дека на овој начин се ублажува економската криза за сите учесници во општинскиот линиски превоз, а се намалува и сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.
Првата одлука за функционирање на бесплатен автобуски превоз беше донесена во декември 2022 година. Минатата година за оваа субвенција општината одвои повеќе од 1 милион евра, за првите шест месеци годинава – 33 милиони денари, а за наредните четири месеци дополнителни 22 милиони денари.