Воздушно се гасне пожарот во село Малотино, загина жител на Кокошиње
Жител на кумановското село Кокошиње вчера загина, најверојатно од задушување од чад, а изгореле и неколку куќи и голема површина со нискостеблеста шума во големиот пожар го зафати кумановскиот регион. Пожарот го гаснат и хеликоптери. Вчера на територијата на општина Куманово регистрирани се 11 пожари на отворен простор, информира командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово, Дејан Илиевски. Од вчера активни се пожарите и во селото Малотино, но и на потегот кон Враготурце во општина Старо Нагоричане, каде што теренот е непристапен за интервенирање од противпожарните единици, соопштија утрово надлежните.
-Вчерашниот ден беше доста турбулентен, 11 пожари регистрирани во општина Куманово, има и една жртва во село Кокошиње. Моменатлната состојба сега засега е мирна. Меѓутоа пожарот во село Кокошиње се уште е активен над селото каде е непристапен дел. Не може да се излезе ни со возило, ниту пеш со вода за да се интервенира. Покарактеристичен и поголем во овој период најголем пожар ни е во атар на селата Кшање и Кокошиње, зафатена е територија на соседна општина Свети Николе, атар Ѓуѓанце. Пред половина час се вратија екипите од терен, во комуникација сме со месното население, доколку има потреба ќе интервенираме ама мораше да сенаправи смена на екипите, поедини луѓе беа на работа 24 часа од 07 вчера, до 07 утрово, се работи за пожари на отворен простор, сува трева, деградирана шума, имаше опожарување на објекти, имаше и жртва. Немам информација за колку објекти станува збор бидејќи станува збор за голема површина, изјави Дејан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово
Во селото Малотино, како што информира заменикот градоначалник на општина Старо Нагоричане, Бобан Цветановски има изгорени стари напуштени куќи, а жителите кои што биле затекнати во дел од куќите успешно се евакуирани. Екипи од противпожарната единица, од јавното комунално претпријатие, од Македонски шуми, од пожарната од Ранковце од вчера се на терен, а од утрово пожарот го гаснат и два хеликоптера, 30 припадници на ЕБР, армијата. Изгорена е огромна површина со сува трева и нискостеблеста деградирана шума од Козјачкиот регион, потенцира Цветановски.
Во текот на вчерашниот ден се интервенирало и во селото Руѓинце, Мглинце, кај спомен костурицата во Зебрњак, во Никуштак, во населбата Перо Чичо.