Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска заедно со раководството на СВР Скопје, присуствуваше на потпишувањето на договорите на новите полициски службеници кои беа дел од генерацијата на кандидати за полицајци 2023/2024 година и кои станаа дел од македонската полиција, при Секторот за внатрешни работи Скопје.
Упатувајќи честитки до новите полициски службеници, министерот Тошковски истакна дека на овој начин создаваме професионална полиција која ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните.
„Бидете сервис на граѓаните, полиција која ќе ги обезбеди и овозможи сите граѓански слободи и права. За да се борите со криминалот, мора вие да бидете чесни. Бидете дел од правдата, останете доследни на законот и штитете ги интересите на граѓаните и државата. Во вашето понатамошно работење мора да постапувате еднакво и независно од личните определби, религиозни уверувања, национална припадност… Дискриминацијата по било кој основ е забранета“, рече министерот Тошковски.
Во изминатата година, кандидатите беа дел од основна обука за полицаец, која беше спроведена во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи. Во текот на обуката, кандидатите покажаа исклучителна посветеност и постигнаа високи резултати, соопшти МВР.