Пожарот во Малотино го гаснат македонски и српски хеликоптери

Активен е пожарот во општина Старо Нагоричане во селата Малотино и Рамно, додека на подрачјето на Куманово нема активни пожари, информираа денеска од Центарот за управување со кризи и од територијалните противпожарни единици на Старо Нагоричане и Куманово. Во Малотино и Рамно гори мешана шума.

-Пожарот во општина Старо Нагоричане се гаси со два хеликоптери, македонски и српски. Девет пожарникари од нашата единица, 30 припадници на Армијата, пет припадници од „Национални шуми“, изјави командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.

Пожарот вчера се префрли во боровата шума. Покрај екипи на противпожарни единици на Старо Нагоричане и соседните општини, во гасењето беа вклучени и две теренски возила на „Национални шуми“ од кумановската и од подружницата од соседна општина Крива Паланка. На подрачјето на општина Куманово, нема активни пожари.

Три интервенции имале и пожарникаите од Куманово, гаселе сува трева и стрниште во Романовце, во Ново Село и во населбата „Бабин дол“.

-Испратено е возило за поддршка при гасење на пожари во општина Старо Нагоричане, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

 

МИА