Пожарникарите спасија кумановец кој паднал во бунар
Пожарникарите вчера спасиле човек кој паднал во бунар во населбата Карпош, информираа денеска од Територијалната противпожарна единица Куманово, како и од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.
Интервенцијата успешно е завршена од страна на командирот на смена Сашо Илилевски заедно со уште двајца негови колеги.
Илиевски вели дека веднаш штом добиле повик од 112 дека човекот пропаднал во длабок бунар од околу 15 метри се упатиле на местото и со помош на јажиња, појаси, успешно го извлекле човекот и го предале на екипа на Итна помош Куманово за натамошно лекување.

Интервенцијата завршила во 13:50 часот и како што е наведено во дневниот билтен на РЦУК, човекот е во добра здравствена состојба.
Во текот на вчерашниот ден, кумановските пожарникари интервенирале шест пати на опожарена сува трева и вегетација во липковските села Матејче и Отља, во кумановските Речица, Табановце, на „Никуљски пат“ и во село Никуљане.
Пожарникарите од Старо Нагоричане пак гаселе пожар во Челопек на запалено стрниште, сува трева, грмушки и гранки на површина од околу три декари.