Осум случаи на новиот сој на ковид во Куманово, стабилна е состојбата

Осум случаи на новиот мутиран сој на ковид се евидентирани во Куманово во првите две седмици месецов, информираа денеска надлежните. Според докторката Весна Стефановска, специјалист по медицинска микробилогија болницата располага со доволен број на тестови доколку се зголеми потребата за нив, но, вели засега состојбата со ковид во Куманово е стабилна.

-При крајот на јули сме детектирале случај на новиот мутиран сој, флирт. Нашите тестови се прилагодени да го фатат и тој мутиран сој, таа варијанта на ковид. Ние располагаме со доволен број тестови доколку се зголеми потребата за поголем број на случаи. Во периодот од 01.08. до 14- ти се детектирани 8 случаи, тоа е некаде мал број, кој не претставува на некоја епидемија, тоа се воглавно амбулантски пациенти, испратени од матичните лекари, неколку од нив и од општата болница.Сите позитивни се пријавуваат во епидемиолошката служба каде понатаму си ги доставуваат до инистутот. Тие се со лесна клиничка слика за разлика од почетокот на ковид, изјави д-р Весна Стефановска, специјалист по медицинска микробиологија.

Комисијата за заразни заболувања на последниот состанок констатираше дека има зголемување на бројот на позитивни случаи на Ковид 19 во однос од минатата недела и по тој повод ги потсетува граѓаните да ги почитуваат општите мерки за превенција од респираторни инфекции.

Како мерки за превенција од Комисијата препорачуваат да се избегнува групирање и подолг престој во затворени простории, редовно проветрување на просториите, почесто миење раце и избегнување близок контакт со заболени лица.

Во однос на препораките доктор Стефановска вели дека повеќето граѓани се дисциплинирани и си го заштитуваат своето здравје.

– Препораки има, на пример за болнички услови, при посети на болни, прегледи во амбуланти, исто така во амбуланти на матични лекари.

Гледам пациенти кои повеќе пати се заболени од некое хронично си носат маски постојано, така што може исто така во превозните средства, автобусите, луѓето повеќето од нив се дисциплинирани и си го чуваат своето здравје, изјава Весна Стефановска, спец.по микробиологија

Комисијата за заразни заболувања потсетува дека вакцинацијата е најефикасен начин за заштита од тежок облик на болеста.

На состанокот, комисијата ја реафирмираше препораката дека тестирање за ковид не е услов за прием во здравствена установа.

За ковид треба да се тестира исклучиво според индикација, односно доколку пациентот има симптоми карактеристични за ковид.

Од комисијата нагласуваат дека пациентите треба да се лекуваат од основната болест и во соодветната здравствена установа, дури и ако се ковид позитивни, со тоа што здравствената установа треба да обезбеди услови за минимизирање на опасноста од ширење на болеста на другите пациенти и на персоналот со изолирање на позитивните пациенти.