Голем дел од семафорите не работат, возачите и пешаците загрижени за безбедноста
Семафорите на крстосницата на булеварот „Трета МУБ“ и улицата „Народна револуција“ и крстосницата во непосредна близина на Градска пекара, како и крстосницата на булеварот „Октомвриска револуција“ кај гостилница Жмара не се во функција веќе неколку дена поради што е загрозена безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Пешаците, возачите, особено таксистите и возачите на автобусите кои што поголем дел од денот се присутни на сообраќајниците се револтирани и бараат од локалната власт да го реши проблемот за да се избегне евентуална посериозна сообраќајна несреќа бидејќи станува збор за најфреквентните улици во градот.
Но, освен до надлежните во општината, граѓаните и возачите имаат поплаки и во однос на сообраќајната полиција која во ситуации кога семафорите не работат подолг временски период би требало да излезат на терен и да го регулираат сообраќајот за да се спречи метежот кој деновиве се забележува во централното градско подрачје.
Телевизија Плус утрово побара одговор од надлежните во општина Куманово во врска со решението на проблемот. Го очекуваме одговорот.
