На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска и утре се пријавувањата на бруцошите
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска и утре е пријавувањето во првиот рок за упис во прва година додипломски студии во академската 2024/2025 година. На факултетите во составот на УКИМ слободни се 9.921 место за нови студенти, од кои 4761 за редовни студенти во државната квота, 4.210 за редовни студенти кои ќе ги кофинансираат студиите и 950 места за вонредни студенти.
Според Конкурсот кој УКИМ го објави во јуни, како и во минатите години, најголем број слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1020), на Природно-математичкиот факултет-ПМФ (1030), на Филозофскиот 895 места, на Филолошкиот факултет 790, на Правниот 705, на Економскиот факултет 700 слободни места…
Цената на партиципацијата за студии за редовните студенти во државната квота е непроменета и останува 200 евра годишно, а за редовните што ќе ги кофинансираат студиите и за вонредните студенти износот е 400 евра како и во минатите години.
Резултатите од првиот уписен рок на УКИМ ќе бидат објавени на 3 септември, конечната ранг-листа на 6 септември и на 11 и 12 септември ќе биде запишувањето на примените кандидати.
Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 17 и 18 септември и третиот на 27 септември 2024.