Во касарната „Боро Менков“ одбележани 25 години од формирањето на SEEBRIG

Со свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ –Куманово денеска е одбележан јубилејот – 25 години од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG.

На свеченоста пред присутните се обратија министерот за одбрана Владо Мисајловски, претседавачот на Координативниот комитет на SEDM и на политичко-воениот Управен комитет Симона Којачару и командантот на Командата на SEEBRIG, бригадниот генерал Билбил Битри.

„ Работејќи за SEEBRIG и истовремено служејќи на вашите земји и на нашите граѓани вие само ја потврдивте посветеноста на сите земји членки кон Иницијативата која донесе соработка, донесе дијалог и овозможи создавање на средина во која владее меѓусебна солидарност и поддршка меѓу државите. Како земја домаќин на SEEBRIG ни преставува претставува задоволство што четири години припадниците на нашите армии заедно работат и придонесуваат за успешна работа на командата, тука во Куманово. Имајќи ја предвид актуелната геополитичка состојба посебно во Европа, загрозената безбедност, бројните форми на хибридни закани, лажни вести, дезинформации, како и научени лекции од минатото соочувајќи се со КОВИД кризата и природните катастрофи, имаме силен мотив да продолжиме да ги јакнеме нашите одбранбени капацитети, да ја јакнеме одбранбената билатерална и регионална соработка. Денес нашите припадници работат рамо до рамо со нашите пријатели и сојузници, а нашата армија е ценет придонесувач кон глобалниот мир. Остануваме фокусирани и кон исполнување на втората стратешка цел полноправно членство во Европската Унија со што уште повеќе ќе придонесеме за стабилност и развој на регионот. Додека ја славиме оваа годишнина, уште еднаш ја потврдуваме нашата посветеност кон водечките принципи и идни приоритети на оваа иницијатива, затоа што 25 годишнината не е само време за оддавање почит и славење на успесите, туку и можност за пристапување со подготвеност и решителност кон сите предизвици. Да продолжиме да учиме едни од други, да се поддржуваме едни со други и заедно да останеме посветени во градење на сигурна иднинa“, рече Владо Мисајловски, министер за одбрана

„По четврт век постоење на SEEBRIG, сега многу добро ја знаеме решителноста и посветеноста неопходни за да ја одржиме активноста и доготрајноста на Бригадата. Сите наши земји заслужуваат благодарност за напорите што имаат значително влијание врз нашата регионална безбедност. Во оваа насока, исто така треба да изразиме благодарност до сите команданти кои дадоа многу важен придонес за безбедноста на Југоисточна Европа во нивната улога како команданти на SEEBRIG. Почитувани колеги, завршувам со лична забелешка: мирот и добрите односи на кое било поле, а особено во меѓународните односи бараат зајакната меѓународна соработка и слободоумен пристап кон сите проекти за соработка. Тоа можеме да го направиме ако продолжиме да инвестираме во процесот на SEDM и да работиме SEEBRIG да стане сè поважен актер за регионална стабилност“ , рече Симона Којачару, претседавач на SEDM

„ Пред 25 години, мудрите и визионерски лидери од Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Република Северна Македонија, Романија и Туркије цврсто се заложија да го потпишат договорот за основање на SEEBRIG кои се темели на принципите на соработка, взаемно почитување и заедничка посветеност на вредностите што нè врзуваат. Токму ним им ја должиме нашата најдлабока почит и благодарност. Од своето основање, SEEBRIG стана симбол на единство, обединувајќи професионални војски од земји со различно потекло, култури и истории, но сите обединети со заеднички споделени вредности и заедничка цел: промовирање на воената соработка, гарантирање на сигурноста и безбедноста на нашите народи и придонесување кон мирот и стабилноста во регионот и пошироко. Сето она што SEEBRIG го претставува и застапува е соодветно вградено во знамето што го поздравуваме и амблемот што го носиме секој ден. Ѕвездата е симбол на вистината, и на духот и надежта. Белиот гулаб со маслиново гранче е симбол на мирот, заедничка визија за мирен свет. Но, SEEBRIG и нејзината 25-годишна историја зад себе не ја претставуваме само ние во униформи, и не само Куманово. SEEBRIG, сосема различна од која било друга воена структура од иста природа, била лоцирана во четири други големи градови и имала чест да ги нарекува свој дом, а тоа се Пловдив, Констанца, Истанбул и Тирнавос. SEEBRIG им е искрено благодарна на овие градови и на нивните жители. Да продолжиме да стоиме заедно, обединети во нашата цел, додека се соочуваме со предизвиците и можностите што ни претстојат. Нашата мисија останува критична денес како што беше ипред четврт век, и јас сум целосно уверен дека нашата организација ќе продолжи да напредува и да има трајно влијание во регионот и пошироко“ , рече Билбил Битри, командант на Командата на SEEBRIG.

На одбележувањето на јубилејот присуствуваа и началникот на ГШ на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски, заменици министри за одбрана на Бугарија и Романија, генерали од армиите на Бугарија, Романија, Грција, Турција, командантот на ЕУФОР АЛТЕА, директорот на RACVIAC, командантот на Бригадата на Литванија-Полска-Украина и други високи гости од земјите членки на SEDM/SEEBRIG и од воено дипломатскиот кор.