Актерот Сашко Коцев – лауреат на МТФ „Денови на комедија“
Актерот Сашко Коцев е овогодишен лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ – Куманово. Тој е добитник на наградата „Васил Иљоски“, за особен придонес во областа на театарската уметност.
Коцев со над 20-годишно актерско искуство досега е најмладиот добитник на наградата, но неговиот придонес е огромен, повеќе од 45 театарски премиери и над 30 филмски улоги.
„Кога ќе добиеш награда и признание е уште потешко. Каде потоа, што потоа? Навлекуваш еден товар врз себе. Си добил признание, публиката знае и товарот е уште потежок затоа што публиката има лупа низ која се гледа и нема за ништо да ти прости, затоа што ти не смееш да бидеш просечен, туку дека си на врвот и тука мора да останеш. Тоа е особено стресно кога ќе стигнеш до било која награда“, кажа Коцев.
Актерката Александра Михајловска Величковски на прес-конференцијата ја образложи едногласната одлука на Советот на фестивалот годинава да биде награден Сашко Коцев.
„Ова не е класична награда за животно дело, туку за придонес во комедиографијата. За придонесот во нашата фела и уметност, зборува целото дело и кариера на Сашко Коцев, нема потреба од дополнително објаснување зошто. Апсолутно ги заслужува сите награди и се надевам дека ова му е награда која ќе му отвори нешто, оти е во зрел период од животот и кариерата кога допрва ќе добива награди“, рече Александра Михајловска Величковски, актер и член на Советот на фестивалот
На Сашко Коцев наградата ќе му биде доделена на отворањето на фестивалот „Денови на комедија“, на 24-ти септември, соопшти директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.
„Годинава на репертоарот на фестивалот се вкупно 11 претстави од Македонија, Бугарија и Србија. Отворањето е со театарската претстава од Велес, „Вечер за глупаци“. Билетите традиционално ќе почнеме да ги продаваме неколку дена пред почетокот на фестивалот. Годинава ги поканивме и Факултетот за драмски уметности од Скопје и ЕСРА, студентите да бидат дел од пропратната програма на фестивалот. На 30-ти септември и на 7-ми октомври би требало да имаме изведба на тие претстави во рамките на фестивалот „Денови на комедија“, рече Тодоровски.
Со премиерна изведба на претставата „Ноќ спроти Водици“ на Театар Куманово ќе биде затворено овогодишното издание на меѓународниот театарски фестивал.
