Форум во рамки на проект „Справување со загадување на воздух“
Општина Куманово и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) утре во ресторан Грација ќе ја одржат првата форумска сесија во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“.
Целта е да се претстават резултатите од мониторингот на квалитетот на воздухот и главните извори на загадување на воздухот во Куманово, мерките и активности за справување со загадувањето на воздухот и да се одговори на прашањето како да се идентификуваат потребите на најранливите групи на граѓани за почист воздух. Учесниците на првиот форум, исто така, ќе имаат можност да дискутираат за одредени мерки и предлози за начинот на кој може да се унапреди квалитетот на воздухот во нивната општина.
Форумот на заедниците предвидено е да има две сесии. На втората сесија пред граѓаните ќе се претстават неколку конкретни мерки, со цел да се одберат најсоодветните кои општината заедно со УНДП ќе може да ги спроведе во текот на 2025 година. Тие мерки може да се фокусираат на зголемување на енергетската ефикасност на училиштата, замена на нееколошките системи за греење во јавните општински објекти, поставување на системи за производство на струја од обновливи извори, изградба на велосипетски патеки, креирање на парк-шуми и сл.
Фондот кој е на располагање за спроведување на мерките изнесува околу 340.000 американски долари.