Димитриевски: Гасификација и озеленување на градот – долгорочни мерки на општината во борба против аерозагадувањето

Во рамките на проектот „ Справување со загадувањето на воздухот“ денеска во ресторан Грација се одржа првата форумска сесија. Целта на форумските сесии е да се овозможи активно учество на граѓаните, кои ќе дискутираат за изворите на загадување на воздухот во нивната општина, за мерките кои општината ги презема за унапредување на квалитетот на воздухот, како и да се презентираат дополнителни акции кои општината може да ги реализира за подобрување на квалитетот на воздухот. Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.

Афродита Зенделска, професорка на Факултетот за природно- технички науки во Штип вели дека по спроведените мерења во петте општини биле дефинирани шест извори на загадување, согорувањето на био маса, односно домаќинствата, сообраќајот, согорувањето на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, изворот минерална прашина и секундарните аеро соли.

„Општина Куманово има План за квалитет на амбиентен воздух и е една од првите општини која со сопствен буџет има изреализирано таков план, одобрен од министерствата за животна средина и за здравство, а усвоен од Советот на општината“, изјави Александра Георгиевска Протиќ од Одделението за животна средина во општина Куманово.

„Куманово спаѓа во групата на општини која издвојува најголеми средства во борба против аерозагадувањето, но морам да признаам дека ние тука имаме и ресорно министерство за животна средина кое не често финансиски се вклучува во вакви проекти. Наша интенција е секоја година да ги зголемуваме овие средства и дополнително да бараме нови донатори со грантови каде што тие средства ќе ги вложуваме во краткорочните, но претежно во долгорочни мерки во борба против аерозагадувањето“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски, потенцирајќи ги долгорочните мерки, гасификацијата и дополнително озеленувањето на градот.

УНДП, заедно со општината, предвидуваат финансиски средства во износ од околу 340.000 долари за поддршка на една или повеќе конкретни мерки кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот и квалитетот на живот на граѓаните во општината. Форумот на заедниците предвидено е да има две сесии. На втората сесија пред граѓаните ќе се претстават неколку конкретни мерки, со цел да се одберат најсоодветните кои општината заедно со УНДП ќе може да ги спроведе во текот на 2025 година. Тие мерки може да се фокусираат на зголемување на енергетската ефикасност на училиштата, замена на нееколошките системи за греење во јавните општински објекти, поставување на системи за производство на струја од обновливи извори, изградба на велосипетски патеки, креирање на парк-шуми и сл.

Подетално за првата форумска сесија од изјавите на надлежните во вестите во 18 и 22 часот.