Со намален број на основци и средношколци започна и оваа учебна година, но годинава првпат намален е и бројот на паралелки во дел од средните училишта во Куманово, информира раководителот на Секторот за образование Александар Јовановиќ. Советниците на вчерашната седница ја изгласаа предлог – одлуката за давање на согласност за формирање на паралелки во прва година со под 25 ученици во општинските средни училишта во учебната 2024/2025 година.
-Бројот на ученци рапидно се намали оваа учебна година и не само во основните, туку и во средните училишта. Има три клучни фактори, падот на наталитетот, внатреопштинската миграција и миграцијата внатре во државата и трет клучен фактор е миграција на населението во развиените европски земји која е во тренд последните десетина години. Поради тоа се празнат и училишните клупи и нормално е дека ќе има намалување на упис на учениците и во средните училишта. Можеме да констатираме, согласно законската регулатива училиштата имаат право да поднесат барање до ресорното министерство за формирање на паралелки под 25 ученици. Имаме на територијата на општина Куманово паралелки и со 35 ученици, тоа се во средното стручно училиште „Наце Буѓони“ за профилот информатика и за медицина, исто тоа се однесува и за албанските паралелки, и во СОУ „Перо Наков“ за профилот графички дизајн, што значи дека тие паралелки се полни, но имаме паралелки за кои нема интерес, учениците не ги избираат, а тука спаѓаат и паралелките кои се на трети степен, затоа училиштата имаат поднесено уредно барање до МОН, ресорното министерство си даде свое видување, ги одобри паралелките и истите беа изгласани вчера на седницата на Советот на општина Куманово. За првпат оваа година бележиме намалување на една паралелка во гимназијата „Гоце Делчев“, една во „Сами Фрашери“ и по една паралелка намалување во „Наце Буѓони“ и „Перо Наков“, меѓутоа и со ова успеавме наставниците кои се на неопределено работно време со полн фонд на часови да ги обезбедиме часовите така што учениците веќе си одат на настава, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование
