За педесет и пет проценти поскапува приклучокот за гас во Куманово

За околу 55 проценти се зголемува цената за приклучок на гас во Општина Куманово, одлучи мнозинството советници на денешната седница откако беше расправано по предлог –решението за давање согласност на Одлуката на ЈП „Куманово – гас“ – Куманово за промена на цена за приклучок на гас.

Во пракса тоа би значело дека потенцијалните корисници на гас за да се приклучат на гасоводната мрежа во Куманово треба да одвојат од домашниот буџет  вкупно 77.651 денари, или изразено во евра, околу 1250 евра за приклучок на гас за секој корисник.

Директорот на ЈП „Куманово гас“ Марко Митровски енормното поскапување, за кое вели дека е непопуларна мерка, пред советниците го оправдува со зголемувањето на цената на деловите кои се користат при монтажа, а за монтирањето, како што кажа, се грижи надворешна фирма, а не вработени во ЈП „Куманово гас“.

„Зголемувањето на цената е направено врз основа на детална анализа за приклучокот, односно цената од 77.651 денари е формирана врз основа на цени од тендерска документација“, објасни директорот Митровски. Тој потсети дека минатата година и Владата и Општина Куманово издвоија средства за субвенционирање на приклучокот на гас, а се надева дека субвенционирањето ќе продолжи и оваа грејна сезона.

Дел од советниците од опозицијата во Советот сметаат дека ваквата непопуларна мерка која ќе „падне“ на товар на граѓаните, за нив е неприфатлива и нема да ја поддржат како советничка група.

Претседателката на Советот на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска појасни дека со ребаланс на општинскиот буџет најверојатно ќе бидат одвоени средства за субвенционирање на приклучокот на гас во износ од 30 проценти од вкупната сума ( 77.651 денари)., односно субвенцијата ќе изнесува 25.000 денари.

 

Коментари

коментар(и)