На 11 ноември 2024 година (понеделник) во кружната сала на зградата на поранешни општествено – политички организации со почеток во 16 часот, ќе се одржи четириесет и шестата седница на Совет на општина Куманово.
Предвидена е само една точка на дневниот ред – предлог – одлука за измена на распоредот на средствата на буџетот на општина Куманово за 2024 година.
Седницата е со директен пренос на Телевизија Плус.
Претходно, во 12 часот ќе се одржи свечена седница по повод 11 Ноември, Денот на ослободувањето на Куманово, на која, на добитниците ќе им биде врачена „Ноемвриска награда“. Годинава, добитници на највисокото општинско признание на Куманово, „Ноемвриската награда“ се Никола Давидовски, естраден уметник во пензија, Агрон Фазлији, претседател на занаетчиската комора и Столе Димитриевски, голман на фудбалската репрезентација.
„Ноемвриска награда“ на Општина Куманово за 2024 година, во вид на диплома, се доделува и на правните субјекти, НУ Музеј за огромниот придонес кон популаризацијата на музејот и музејската дејност и едукативното дејствување за значењето на културното наследство на државата, а кој оваа година одбележува повеќе јубилеи, меѓу кои и 60 години од формирањето, здружението за ликовна уметност „Форма Куманово“ – Куманово, за значајниот придонес во областа на уличната уметност, автор на многубројни мурали и графити во Куманово и во многу други градови во државата и во странство, како и хуманитарна организација „Крепост“ – Куманово, за реализираните хуманитарни донации за социјалните категории на лица во градот и во руралните средини.
Предвидена е и парична награда за тројцата наградени и дипломи за правните субјекти.